Пред пет години Голдман Сакс беше главниот негативец на финансискиот крах и синоним за лакомото и незаситно банкарство кое го цица американскиот народ. И да немаше други вклучени, оваа компанија ќе беше сама доволна да го генерира гневот од кој се создаде движењето "Окупирај го Вол Стрит".
Обвинувањата беа реални. Во меѓувреме Голдман Сакс има платено кон државата околу 9 милијарди долари казни за разно-разни злоупотреби и сомнителни зделки. Се разбира, никој не отиде во апс.
Хилари им зема 675.000 долари за да одржи три говори, за што и Сандерс и Трамп оправдано ѝ ја извадија маста. Не изгуби таа само поради тоа, но играњето за нив направи сериозна штета на демократскиот кандидат.
Наспроти сите анти-елитистички проповеди за време на кампањата, Трамп сега широко ги отвора вратите од Белата куќа за луѓе од Голдман Сакс.
Стив Мнучин (поранешен партнер во ГС) е министер за финансии. Гери Кон (Брокеро) беше топ менаџер, главниот идеолог на Трамп (Архитекто) беше нивен човек, Џеј Клејтон исто така (сега е прв човек на моќната агенција SEC) а кадар на компанијата е и Дона Пауел која сега е советник во Белата куќа.
Како Трамп може да го правда ваквиот кадровски избор? Не може. Освен дека зема паметни и способни луѓе. А се разбира дека за да бидеш топ менаџер во компанија како Голдман Сакс, мора да си паметен и да те бива.
Проблемот е што нивниот поглед на светот, нивната финансиска идеологија и филозофија е комплетно спротивна на оние трампови памфлети околу грижата за американските работници.
Имено, огромен дел од победата на Трамп се засноваше на три сентименти на изборната база: омразата кон Вол Стрит и тоа како се извлекоа од срањето кое го произведоа, омразата кон трговските договори кои уништија пристојни американски работни места и аутсорсирањето на индустриите во странства со ниски плати.
И баш сето тоа е стопено во филозофијата на Голдман Сакс и нивните „Божји“ заповеди.