Букбокс гледанка: „Довлатов“ (2018)

Ова е филм којшто веројатно ќе ги интересира единствено оние кои се запознаени со ликот и делото на Сергеј Донатович Довлатов, талентираниот писател кој поради несовмесност со советскиот режим ќе чека 20 години да биде објавен, дури откако веќе нема да биде во татковината. Куриозитет е што него го игра српскиот актер Милан Мариќ. 

Ленинград, 1971. Советските автори под Брежњев се строго цензурирани, а за да работат по некоја рубља приморани се да прават компромиси со своите книжевни убедувања и да пишуваат за ударнички рударски квоти и новооткриени бушотини на нафта. Кој може да избега од земјата, бега, кој останува се обидува да ги преживее долгите и студени ленинградски ноќи. 

Помеѓу нив е и Сергеј Довлатов, денес познат руски автор со ерменско и еврејско потекло, кој во својот краток живот од 48 години не дочекал слава. Во манирот на други филмови за познати личности кои не ја прикажуваат целата хронологија „од колепка до гроб“, туку само издвоен а значаен период од биографијата, ние минуваме една ноемвриска недела со него, запознавајќи ги неговите колеги, друштво на млади и на повеќе начини гладни луѓе кои се обидуваат да ја држат главата над вода. Сергеј е разделен со сопругата и ќерката и живее со мајка му, постојано одбиван од издавачките куќи. 

Други писатели поминуваат и полошо - еден од нив во момент на очај си ги пресекува вените, а пак неговиот пријател, подоцна нобеловец, Јосиф Бродски, е постојано следен од службите и за влакно одбегнува апс, напуштајќи ја со време земјата. Но генерално, филмот не се занимава толку со ужасите на тоталитаризмот (иако се одвива врз таквата јасна позадина), колку со некаква потрага на Довлатов, иако ниту тој ниту ние знаеме по точно што. Трогателните сцени како да се вметнати за да потсетат дека СССР не е Холивуд и дека ова не се само некои рендом луѓе, какви што ги имало во сите времиња, кои сакаат да успеат без да им биде компромитирано авторското кредо. Тука да се „успее“ не значи само да се влезе во Друштвото на писатели (чиј претседател е - многу соодветно - уролог), ниту да се објави нешто неконтроверзно, туку просто да се преживее, и ментално и физички. 

Познавајќи го Довлатов (засега) само преку една книга, доволно ни е за да формираме слика за него како екстремно духовит и саркастичен кон сето она што го опкружува, особено ако тоа алудира на авторитет. Во филмот тој делува како анестезиран, „ни на мртво плаче ни на живо се смее“, а единствената хумористична сцена е кога по повод пуштање во сообраќај на ново пловило бродско претпријатие ангажира старци да ги глумат големите руски автори (Гогољ, Пушкин, Достоевски) за да го збогатат настанот со своето присуство.

Она што најмногу нè изненади е што во главната улога е всушност Милан Мариќ, српскиот актер кој го глумеше Тома Здравковиќ. Според интервјуа давани во времето на премиерата на филмот, тој имал четири месеци да „научи“ руски и да качи килажа, така за да личи на крупниот Довлатов, за кого иронично велеле дека е „најголемиот руски автор“ поради неговите 196 цм. Не можејќи да замислиме дека македонски писател во македонски филм би можел да биде игран од некој друг освен од Македонец, па макар била во прашање и копродукција како што е во случајов, оваа одлука на режисерот Алексеј Герман ја толкуваме главно како резултат на физичката сличност на Мариќ со познатиот писател, кој сепак не бил толку стереотипно убав. Она „нешто“ - сарказмот, чемерот, длабочината - која Довлатов ја рефлектира низ своите дела, Мариќ не го постигнува. А бидејќи уште на почетокот се знаело дека неговиот говор ќе биде синхронизиран од руски актер, добра третина од сцените го гледаме од зад грб, веројатно за да не биде очигледно дека прави утки. 

Накратко, читајте го Довлатов, а филмот за него и не мора да го гледате.

Илина, Букбокс

11 август 2025 - 09:11