
Спорните исплати беа откриени откако владата, како чин на транспарентност, на интернет објави интерактивни мапи за да се следи каде завршиле грантовите. Програмата во вкупен износ од 1,2 милијарда злоти (282,3 милиони евра) е наменета за заживување на хотели, ресторани и културни центри што претрпеле штета поради строгите мерки за изолација и карантините прогласени за време на пандемијата.
Чепкањето по податоците откриле чудни канали на парите. Завршиле за купување јахти, за солариуми во пицерија или кај угостителски бизнис во јужна Полска на адреса на кој е регистриран и секс-клуб за свингери.
Сопственик на ресторан во Лоѓ добил финансиска помош за купување две јахти, кои ги оправдал како „диверзификација на бизнисот во случај на карантин во иднина“.
Не ни требаат овие пари за крстарења. Ако ресторанот мора да биде затворен, ќе може да изнајмуваме јахти на туристи, објаснил сопственикот Гжегож Урбанијак.
Сопственикот на ресторанот со свингерски клуб, пак, објасни дека ги добил парите за „машини за обработка на метал“.
Опозициската партија Закон и правда го опишува скандалот како најголем во Полска по соборувањето на комунистичкиот режим во 1989 година и го претставува како доказ за „кронизмот и расипништвото“ на владеењето на Доналд Туск.
Европратеникот Тобијас Боченски демонстрираше пред кабинетот на премиерот со табла „Министерство за харинги и вотка“, со која алудираше на еден од спорните приматели на помошта.
Шемата HoReCa од 1,2 милијарди злоти е дел од вкупната помош од 59,8 милијарди евра што Полска треба да ги добие од Планот на ЕУ за национална обнова. Брисел ги замрзна овие средства за време на владеењето на ПиС поради „загриженост за владеењето на правото“.
Ветувањето на Туск дека ќе ги одмрзне средствата од ЕУ му помогна да победи на изборите во 2023 година. Начинот на кој биле потрошени парите сега се сериозен политички удар за премиерот, кој вети „нулта толеранција“ за каква било злоупотреба на фондови од ЕУ.
Вложивме премногу труд за да ги ослободиме овие милијарди и не смееме да дозволиме некој да го злоупотребува. Сите што ги злоупотребиле ќе се соочат со последици, без оглед на позицијата или партиската припадност, изјави Туск.
Обвинителите отворија прелиминарни истраги. Првичните резултати од ревизијата ќе бидат објавени следниот месец.