Зеленски се спрема да отпише територии

Украинскиот претседател упорно бара столче на преговарачката маса во Алјаска на која ќе бидат Трамп и Путин, но знае дека нема да го примат на самитот ни како нем посматрач. Затоа Зеленски тивко ги разгледува реалните опции за мир – како да ја изведе очекуваната „размена на територии“ и да ѝ остави на Русија да преземе што е можно помалку од окупираната украинска земја.

Володимир Зеленски го омекна тонот во пораките дека Доналд Трамп и Владимир Путин не можат да ѝ наметнат мир на Украина без да го прашаат Киев. Тоа се толкува како прифаќање на реалноста дека ќе мора да ѝ отстапи на Русија дел од окупираните теротории за да запре војната.

Зеленски се правда дека Уставот не му дозволува да отстапува територија без да се изјаснат граѓаните на национален референдум. Трамп порача дека тоа е неприфатливо ако навистина сака мир. 

Малку ме вознемири фактот што Зеленски вели: „Морам да имам уставно одобрение“, забележа Трамп. Мислам, тој има одобрение да влезе во војна и да ги убие сите, но му треба одобрение за да направи размена на територии?

Веќе се знае дека на самитот во Алјаска в петок Трамп и Путин ќе ја прекројуваат Украина. Основа за „размената на територии“ ќе биде актуелната линија на фронтот. Русија моментално окупира околу 20% од меѓународно признаената територија на Украина, но и бавно напредува на фронтот и спрема нови офанзиви.

Путин инсистира на „целосна капитулација“ на Украина, но се верува дека би се согласил Русија да ги задржи окупираните територии што на оспорени референдуми прогласија независност и припојување кон Руската Федерација - Луханск, Донецк, Запорожје, Херсон и Крим.  Москва бара и демилитаризација на Украина, блокирање на секоја перспектива за членство во НАТО, како и промена на прозападната власт во Киев, според вашингтонскиот Институт за проучување на војната.

Зеленски не е поканет на самитот во Алјаска бидејќи Путин одбива каква било средба со него, барем во оваа фаза од процесот. Трамп ги убедува Украинците дека тој цврсто ќе ги застапува нивните интереси и дека ќе им го обезбеди најдобриот возможен договор. 

Ќе има некои размени, некои промени на териториите. Русија окупираше голем дел од Украина. Ќе се обидеме да вратиме дел од таа територија за Украина, изјави Трамп.

Европските лидери, кои исто така не се поканети, му изразија поддршка на Зеленски и предупредија дека никој од надвор не може да им наметне на Украинците мир што не е по нивна волја. Но, Европа е свесна дека нејзиното влијание во процесот е маргинално.

Имам многу стравови и многу надеж, изјави полскиот премиер Доналд Туск.

Сето ова значи дека Зеленски ќе биде принуден да донесе тешка одлука за отстапување територија што веќе е во рацете на руските инвазиски сили. Тоа политички би можел да си го дозволи, бидејќи се зголемува бројот на украински гласачи што би прифатиле територијални загуби за да запре војната. Кон такво решение го притиска и сегашната ситуација на фронтот.

Нема знаци дека руските операции запреле. Напротив, тие ги движат своите трупи на начин што укажува дека ќе почнат нови офанзиви, изјави Зеленски цитирајќи извештај од украинското разузнавање.

За да прифати територијални отстапки, Киев цврсто инсистира на мировен договор со кој би добил безбедносни гаранции - испораки на оружје или отворен пат кон членство во НАТО.

12 август 2025 - 10:33