Американците сакаат големи коли и големи куќи а мразат јавен транспорт. Постојаните предупредувања за климатските промени и катастрофалните последици на ваквите навики не ја сопираат потрошувачката жед. Иако автомобилите стануваат сè поефикасни, Американците возат сè почесто и на подолги релации.
Тешко е политичар од кој било дел од спектарот да реши да ја пренесува токму оваа порака кога гласачите се главно заинтересирани за економски развој и просперитет. Анкетите покажуваат дека Американците од своето гориво очекуваат да биде сигурно, безбедно и пред се евтино. Дури и кога луѓе сакат да решат некој локален проблем кој носи здравствен ризик, не се спремни да платат повеќе или да користат помалку заради некое глобално затоплување, покажува истражување на Харвард и МИТ.
За проблемот првпат стануваат свесни во 70-тите години. Ричард Никсон ги укинува сите енергетски рестрикции па во периодот 1970-1973 потрошувачката се дуплира.
Во 1973, членките на ОПЕК на САД им удираат ембарго заради нивната поддршка за Израел во војната на Јом Кипур. Ефектот на ваквата одлука беше трауматичен за Американците: уште в зори почнуваат да се редат долги колони автомобили на бензиските станици, луѓето почнуваат со катанци да ги заклучуваат резервоарите.
Во Њујорк, 76 проценти од населението ја смета енергетската криза како најсериозен проблем на земјата а само 15% тоа го мислат за аферата Вотергејт. Кога легендарниот водител Џони Карсон отвора едно вечерно шоу со виц за дефицит на тоалетна хартија, илјадници луѓе трчаат во најблиските продавници и ги празнат рафтовите.
Ембаргото завршува следната години а во 1976 на чело на САД доаѓа Џими Картер, решен да ѝ стави крај на кризата. Само неколку денови од претседателствувањето, тој на телевизија ја дава денес фамозната изјава за енергијата:
"Ние не смееме да бидеме себични или плашливи кога зборуваме за надежта дека нашите деца и внуци ќе ги дочека пристоен свет за живеење. Едноставно, ние мораме да балансираме меѓу потребата за енергија и ресурсите кои полека ги снемува. Со делување веднаш ќе можеме да ја контролираме иднината наместо да дозволиме таа да не контролира нас".
Картер инсталира соларни панели на Белата куќа, најавува милијарда долари за истражување на сончевата енергија, создава федерални грантови за енергетско-ефикасни објекти, но, не успева да избутка данок на нафта. Американците едноставно нејќат да платат за таква работа.
Во 1979 година ситуацијата повторно ескалира. Заради Иранската Револуција, ОПЕК ги дига цените кои крајот на таа декада ги дочекуваат 1.000 пати повисоки отколку на почетокот на истата.
Повторно се враќаат долгите редици на бензиските, овојпат и со по некое убиство меѓу нервозните шофери. Во Пенсилванија се случуваат и масовни протести со луѓе кои носат пароли "Сакаме нафта, сакаме нафта!"
Планот на Кaртер да ги натера Американците да трошат помалку полека се распаѓа но тој не се откажува и до крајот на мандатот ја повторува оваа визија. Не проаѓа тоа. "Carter, Kiss My Gas" станува една од најпопуларните налепници на американските автомобили.
Неговиот наследник, Роналд Реган, има комплетно поинаква визија.
"Не е доволно да се каже помалку, треба да ги укинеме сите рестрикции," најавува Реган.
"Во својата прва голема политичка одлука како претседател, Роналд Реган ги помилува нафтените компании" пишува тогаш Вашингтон Пост.
Неговите мерки добиваат на популарност, малите автомобили како Датсун и Југо со задоволство се напуштаат и Американците повторно им се враќаат на своите лаѓи на 4 тркала. А Реган ги демонтира и соларните панели од Белата куќа.
Истовремено, Републиканците го зајакнуваат своето воено присуство во Персискиот залив за да се заштитуваат своите прекуокеански ресурси а Реган испраќа 300.000 американски војници во регионот.
Денес Американците повторно се на крстопат на кој сепак има и позитивни сигнали: во 2015 се отвориле повеќе работни места во обновливите енергии отколку кај јагленот и нафтата. А со парискиот климатски договор, 195 земји од светот се обврзаа да го намалат загадувањето.
Значи, Американците, ако сакаат, имаат на кого да му бидат лидер. Уште да се натераат сами да трошат помалку и да ги заборават раните од 70-тите и хоророт на Југото.
Дотогаш ќе остане фактот дека секој Американец секој ден троши двојно повеќе фосилни горива отколку човек во Велика Британија.