Вкупната стапка на невработеност на Американците е 4,4%, но процентот на оние со диплома од колеџ што бараат работа се искачил на 2,8%, во споредба со 2,3% во претходната година. На пазарот на труд има повеќе од 1,9 милиони невработени дипломирани студенти, кои обично гравитираат кон работните места што вклучуваат финансиски активности, професионални и деловни услуги, трговија на големо и мало, транспорт и позиции во федералната влада.
Многу студенти што неодамна дипломирале се вознемирени што сè уште не нашле работа. Тие се фрустрирани бидејќи работеле толку напорно во изминатите четири години, а сега никој не ги сака, вели Стејси Коен, која помага на студенти и на средношколци да се подготват за идни кариери.
Коен верува дека сегашната криза е поради променливата економија, но и сè пошироката примена на вештачката интелигенција. Таа советува дипломците да прифатат споредни работи - како келнери или помошници во клубови за голф додека продолжуваат да бараат постојана позиција. Таа го издвојува случајот на еден клиент што поднесол над 1.300 апликации за вработување. Работел привремено во ресторан за брза храна, но не можел да остане повеќе од неколку месеци.
Коен тврди дека во потрагата по работа најголемата пречка е апликацијата да стаса до човек. Многу компании сега се потпираат на филтри со вештачка интелигенција, кои ги скенираат пријавите и биографиите и автоматски ги издвојуваат „најсоодветните“ кандидати. Таа сега ги подучува невработените да ги прилагодат апликациите кон алгоритмите со ВИ, внимателно да одговорат на описот на работното место и да користат клучни зборови.
Ова значи менување на вашето CV и мотивациското писмо за да се прилагоди на секој конкурс. Тоа е многу работа, но за жал, ова е новата пракса со која се соочуваат професионалците на почетокот на кариерата, вели Коен.

Рејчел Мерит, виш директор за кариерни услуги и развој на работодавачи, вели дека вработувањето сега е потешко отколку порано.
Вештачката интелигенција автоматизира многу од основните, почетни улоги кои порано им помагаа на нововработените да се вклучат во работниот процес. Многу компании бараат и искуство, кое повеќето млади сè уште немале можност да го стекнат, вели Мерит.
Таа забележува дека премногу често дипломираните студенти се соочуваат и со финансиски притисок од отплатата на студентските кредити и итно им се потребни приходи.
Поучени од искуството на постарите генерации, помладите луѓе сега се насочуваат кон квалификувани занаети, здравствена заштита или технички сертификати, со кои побрзо можат да најдат работа, имаат повисока почетна плата и побрзо напредуваат. Неодамнешно истражување на „Customer Builder“ покажа дека четири од 10 дипломирани студенти од генерацијата Z размислуваат за посигурни работни места.
Тие ги виделе миленијалците што дипломирале на колеџ дека се оптоварени со долгови за студентските кредити и дека немаат големи можности за работа. Специјализираните училишта имаат многу пониски трошоци и нудат повисок поврат на инвестицијата, поголем број отворени работни места и добри почетни плати. Има прилив на млади луѓе што се обучуваат за занаети, како електричари, водоводџии или заварувачи, вели Мерит.