Британска пиварница усовршила метод како вишокот леб од фурните и сендвичарите да го претвори во пиво кое е доста популарно. Во „Toast Ale“ прават пиво од стар леб кој заменува една третина од потребниот јачмен, отприлика една кришка леб за штуц пиво.
„Старите Вавилонци правеле боговски напиток со ферментирање на леб,“ потсетува оперативната директора на пивницата. „Тоа не било баш пиво во денешна смисла туку повеќе како алкохолна каша, меѓутоа ист бил основниот принцип за ферментирање зрна за да се задржи нивната хранливост а да им се додаде зашеметувачкиот ефект на алкохолот.“
Соработувале со 56 пивници во седум земји со кои го споделиле нивниот метод од леб до пиво, бидејќи фрлањето храна, не само што е еден од најжалните феномени на западниот свет туку е во суштина еден од најсериозните двигатели на климатските промени и губењето на биодиверзитетот,
Во САД се фрлаат околу 30-40% проценти од храната а слично е и во останатите развиени земји па рационализацијата на ланецот на исхрана и зголемувањето на неговата ефикасност е огромен предизвик за подобрување на глобалната состојба на планетава.
Британските пиваџии не се осамени во таа мисија.
Во Рејкјавик, Исланд, прават вотка од овошје кое би се фрлило а најфраерски ја нудат и нивната опен-сорс дестилатна машина за да покажат дека секој може да го прави тоа во двор или гаража.
Хартсхорн дестилеријата од Австралија користи сурутка за правење виски, вотка и џин. За џинот пред две години имаат добиено златен медал на Светските џин награди.
Канадска дестилерија употребува неискористен млечен шеќер за да дојде до нивната вотка „Wotkow“, во Сан Диего прават алкохол од непродадени крофни, кроасани и колачи, а во Сингапур прават брља од тофу.
За добра свиња нема лоша помија.