Натали Брук пишува за Хафингтон пост и опфаќа миленијални теми, љубовни врски и банкарство (која комбинација). Писател е и консултант за банкарски маркетинг, а на нејзината страна на сајтот пишува дека ја води решителност и зборовите на Калвин Кулиџ: „Ништо на светов не може да ја замени истрајноста.”
На жените што мислат дека којзнае каква работа постигнале со тоа што се омажиле има да им го каже следново (напишано лани):
Пред три месеци, дечко ми клекна на колена и ме побара за жена. Плачев од возбуда. Сепак, тоа беше многу важен момент во мојот живот и исклучително возбудлив, посебен и вреден за славење.
Но дали е достигнување? Не.
Сега кога имам прстен на рака, конечно јавно можам да си го кажам мислењето, кое ќе звучеше огорчено ако го кажев без прстен. И откако сум официјално верена жена, воопшто не ми се смени ставот: да се вериш и да се омажиш не е достигнување.
Пред да ме нападнете, дозволете да се доискажам.
Фрустрацијата ми е следна: Сега сме 2016-та, а запросувањето сè уште повеќе се слави од академските и професионалните успеси на жените. Да, дипломирањето и почетокот на одлична кариера и унапредувањата на работа со радост се прифаќаат од страна на пријателите и семејството, но ни одблиску со такво воодушевување како кога ќе објавиш дека ќе се мажиш. Барем од моето искуство.
Секако сум благодарна за возбудата која се движи околу мојата идна свадба, но сепак често се прашувам зошто тој настан се става на повисок пиедестал од вистинските успеси кои доаѓаат со образованието и кариерата? Во ’50-тите, жените примарно биле домаќинки и мажењето било крајната цел. Тогаш, да се биде сопруга било дефиниција за жена, па разбирам и зошто било достигнување да се најде вистинскиот маж.
Ова веќе не е така. Во денешното општество, дамите балансираат со многу повеќе работи отколку едноставно наоѓање маж. Жените се сопственици на бизниси, адвокати, професори, директори, иноватори, дизајнери, истражувачи, писатели, консултанти и многу, многу повеќе. Одат на колеџ и добиваат магистратури и докторати. Неуморно ја искачуваат корпоративната скала. Претставуваат клучни фигури во владата. Го менуваат светот со нивните иновации.
И без разлика што многу од овие жени се мажени, сигурно не ги дефинира само нивното презиме.
Генерално сум забележала дека многу почесто ме прашуваат за врската, веридбата или свадбата отколку моите достигнувања во врска со работата. Отсекогаш повеќе шанси имало да ме прашаат „Кога ќе се мажиш?” или „Како ти е со дечкото?” отколку „Како на работа?” или „На што работиш во последно време?”
Не можам да ги обвинам луѓето што се позаинтересирани за мојата врска отколку за кариерата, затоа што и јас сум виновна за истото со други жени. Сепак, со стручно осмислени реклами и пораки нè учат дека од суштинска важност е жената да добие прстен на рака.
Време е општеството да се провери на кој аспект од животите на жените му даваме најголемо значење.
Според мене, венчавката никогаш не смее да се почитува повеќе од академски или професионален успех, кој жените напорно работат за да го стекнат. Не мораш да имаш мозок, или посебен талент за да се омажиш. Треба само некој да сака да те земе. А од друга страна, да се запишеш во одредено школо, да добиеш одредена диплома и да те примат на одредена работа навистина бара труд.
Ова не значи дека нема достигнувања кои се поврзани со бракот. Мислам и дека има успех и во тоа кога некој стигнал до моментот на запросување, или кога ќе си се заветат двајца луѓе, но тоа повеќе се однесува на партнерите што можат заедно да издржат финансиски проблеми, болести, растење деца и стресови на секојдневниот живот. Да останеш во брак во ера каде што 50 проценти од браковите завршуваат со развод е сепак достигнување.
Уште еднаш, да кажам дека свадбата е голем настан, и многу е возбудливо кога ќе си ја најдеш другата половина. Но сепак, прстенот веќе не ја дефинира жената. Затоа, ве предизвикувам да се радувате кога вашите сестри, колешки и другарки објават дека ќе се мажат, но ве молам, радувајте се еднакво (ако не и повеќе) кога ќе напредуваат во кариерата, ќе магистрираат или ќе започнат сопствен бизнис.