На типот што се стрча кон Аријана Гранде му забранија влез во Сингапур

На еден настан со црвен тепих во Сингапур, маж прескокна бариера и се фрли кон Аријана Гранде. Поскока малку, го тргнаа и излезе дека е доволно за трајно да му забранат влез во државата.

Инцидентот се случи на азиската премиера на Wicked: For Good, каде Гранде и нејзината колешка Синтија Ериво се движеа по килимот, заедно со останатиот дел од екипата. Но Џонсон Вен, 26-годишен Австралиец со веќе познато досие на „појавување на јавни настапи без покана“, решил да влезе во приказната со сила, што беше доволно за Ериво (која се потресува и драми и кога лета хеликоптер над неа и Гранде) да го избутка за веќе следната секунда да го прибере обезбедување.

Сингапурската публика - позната по ред, дисциплина и минимална толеранција за хаос, реагираше брзо и гласно. Многумина го обвинија Вен дека ја повторува траумата на Гранде, која по нападот на нејзиниот концерт во Манчестер во 2017 година има и зборувано за пост-трауматскиот стрес што го носи со себе.

Ни судот во Сингапур не беше воодушевен од перформансот - Вен доби девет дена затвор за нарушување на јавниот ред и мир, а по излегувањето - инстант депортација. Локалните власти потврдија дека му е забранет повторен влез. Интересно е што ова не е негово прво самостојно појавување - исто годинава, истиот човек скокна на сцена на концертот на Кети Пери во Сиднеј. 

Аријана Гранде не го искоментира случајот, а Синтија Ериво за NBC нејзината реакција ја објасни многу едноставно: Кога човек трча кон тебе на црвен тепих (а и не мора да е на црвен тепих) - нема шанси да можеш да предвидиш што сака да направи.

24 ноември 2025 - 00:00