
Не е дека ни фалат објаснувања за ваквите проблеми, особено после 11 навечер. Многу е јасно - не се ни трудат. Лоши се. Глупи се. Сакаат да ни го уништат животот.
Па, ќе станеме сабајле, па имаме друг агол: Такви се затоа што сѐ уште се однесуваат како умните деца кои некогаш биле.
Сите деца се исклучително чувствителни на она што нивните семејства го бараат од нив. Од најарни денови и пред да можат да разберат што се случува меѓу возрасните, забележуваат промени во глас, тишини, напнатост и преќутени работи. Несвесно се приспособуваат на околината, обидувајќи се да откријат какви треба да бидат за да се чувствуваат безбедно и да ја зачуваат наклонетоста на луѓето од кои зависат.
Во едно семејство детето учи дека најдобро е секогаш да биде весело, затоа што само така успева да ја расположи мајка му. Во друго, сфаќа дека не треба да биде премногу успешно, за да не го загрози кревкото самопочитување на таткото. Некое станува беспрекорно и одговорно, друго се повлекува и не бара ништо, трето се обидува да ги импресионира сите. Има деца што прерано учат да се грижат за возрасните, да ги прикриваат сопствените потреби или да не покажуваат колку ги боли нешто.
Овие приспособувања не мора да значи дека се свесни - за дете што нема можност да ја напушти семејната средина, тие можат да бидат извонредно ефикасни начини да се справи со она што не може да го промени. Проблемот настанува кога ќе продолжат да управуваат со животот и откако околностите ќе се сменат.
Возрасниот човек што се повлекува кога партнерот ќе му се приближи можеби одамна научил дека блискоста носи опасност. Оној што постојано ги потиснува сопствените желби можеби некогаш морал да биде незабележлив за да избегне конфликт. А човекот што секоја расправија ја доживува како катастрофа можеби пораснал во дом каде што несогласувањето никогаш не било безопасно. Тоа не значи дека секое повредувачко однесување треба да се оправда со тешко детство, ниту дека партнерот е должен бескрајно да го трпи - разбирањето не ја укинува одговорноста. Но може да го промени прашањето што си го поставуваме кога некој ќе нè повреди.
Наместо веднаш да заклучиме дека партнерот намерно нè казнува, можеме да се запрашаме од што се обидува да се заштити и да се сетиме дека истото прашање важи и за нас. Понекогаш во врската двајца возрасни луѓе се обидуваат да се чувствуваат безбедно користејќи стратегии што ги научиле многу одамна. Едниот се повлекува, другиот притиска. Едниот молчи, другиот бара одговори. Секој го активира стравот на другиот, а и двајцата се убедени дека само се бранат.
Зрелоста можеби почнува кога ќе препознаеме дека повеќе не сме во домот во кој сме ги научиле тие правила. Денес можеме да побараме блискост без да се откажеме од себе, да кажеме „не“ без да очекуваме катастрофа и да престанеме да ја мешаме љубовта со постојаното докажување дека заслужуваме да бидеме сакани.