Дали немањето желба за деца е заразно?

Сè повеќе луѓе го одложуваат родителството или воопшто не стануваат родители - тренд кој одамна не е ограничен на неколку богати земји, туку се забележува во различни општества, култури и економски услови. Нискиот наталитет најчесто се објаснува со финансиската несигурност, високите трошоци за живот и променетите приоритети, но се поставува уште едно интересно прашање: дали одлуките на луѓето околу нас влијаат врз нашата желба да имаме деца?

Оваа тема ја истражува британската новинарка Камила Кевендиш во книгата Generation Maybe, посветена на причините поради кои современите генерации сè поретко раѓаат деца. Нејзините заклучоци, разгледани и во анализа на The Economist, укажуваат дека намалувањето на наталитетот не може да се објасни само со економијата или со поголемата независност на жените.

Еден од поинтересните аспекти е таканаречената социјална зараза, односно начинот на кој однесувањето и животните избори се шират низ општеството. Кога повеќето пријатели стапуваат во брак и стануваат родители, создавањето семејство изгледа како природен дел од животот. Но кога луѓето околу нас остануваат без деца, патуваат, градат кариери и уживаат во поинаква секојдневна слобода, и тој начин на живот постепено станува вообичаен. Ова не значи дека луѓето едноставно ги имитираат своите пријатели, туку дека одлуките ни се обликуваат и од заедничките искуства, економските околности и културните очекувања. Сепак, општествените норми имаат значајна улога во тоа што го сметаме за пожелно, достижно или неопходно.

Кевендиш посочува и еден парадокс: иако доброволното откажување од родителството станува повидливо, многу луѓе што немаат деца всушност посакувале да ги имаат. За нив, животот без деца не бил јасна одлука, туку резултат на низа одложувања, неуспешни врски или околности што никогаш не се поклопиле.

Проблемот со пронаоѓањето стабилен партнер станува особено важен. Денес имаме апликации за запознавање, продолжено образование и сè подоцно економско осамостојување па создавањето долгорочна врска често се поместува кон подоцнежните години. Истовремено, притисокот да се биде добар родител станува поголем, а растењето деца се доживува како огромна финансиска и емоционална одговорност. Ако на ова се додаде и неизвесноста околу иднината - климатските промени, политичката нестабилност и економските кризи - дополнително се намалува подготвеноста за родителство, особено кај генерациите што веќе се соочуваат со тешкотии да обезбедат сопствен дом и стабилни приходи.

Сепак, важно е да се разликуваат луѓето што свесно избираат живот без деца од оние што сакале да станат родители, но не успеале. Првите не мора да чувствуваат дека нешто им недостига, додека вторите можат да се соочат со разочарување поради неостварените планови. Токму оваа разлика е суштинска за разбирањето на современата демографска слика - наместо да се бараат виновници за нискиот наталитет, Кевендиш предлага вниманието да се насочи кон условите што им овозможуваат на луѓето вистински избор.

Значи, да одговориме на прашањето - да, може да биде заразно, ама не е секогаш од причините што некои едвај чекаат да ги исплукаат, само затоа што имаат поинакви приоритети.

9 ноември 2026 - 00:00