Политика на уредниот изглед:

Облеката сè уште влијае врз тоа колку сериозно нè сфаќаат

И покрај децениските промени во родовите улоги, изгледот на жените сè уште е предмет на проценки што неретко ја надминуваат самата естетика. Според начинот на облекување ни судат и за тоа какви сме и колку сме професионални и дисциплинирани и амбициозни.

Во деловниот свет, на пример, од жените често се очекува да изгледаат уредно и негувано, но истовремено да избегнуваат премногу впечатливи комбинации. Преголема формалност може да делува дистанцирано, ама не можеш да победиш, затоа што па, лежерноста се толкува како несериозност.

Овие противречни очекувања создаваат сложен систем на непишани правила. Истражувањата во социјалната психологија покажуваат дека луѓето формираат брзи впечатоци врз основа на надворешниот изглед, вклучувајќи ја и облеката и иако таквите проценки не мора да бидат точни, можат да влијаат врз начинот на кој ги доживуваме другите. Кај жените, дополнителен проблем претставува постојаното поврзување на физичкиот изглед со личната вредност. Нека ви текне дека од политичарки и директорки до професорки и новинарки, јавните коментари за нивната облека и изглед најчесто добиваат непропорционално големо внимание во однос на нивната работа.

Секако, правила на облекување постојат и за мажите, но, женската гардероба традиционално носи поширок спектар на симболички значења, поврзани со возраста, сексуалноста, социјалниот статус и претставите за соодветна женственост. Интересно е што дури и одбивањето да се учествува во овие правила може да биде протолкувано како порака. Жената која не се шминка, носи удобни чевли или избира едноставна облека понекогаш се доживува како да се бунтува, дури и кога нејзината одлука доаѓа од сосема практични причини.

Веројатно треба да се согласиме дека во 2026 дојде време да гледаме малку подлабоко од физичкиот изглед и спремноста за дотерување.

Ама, изгледа ќе се изначекаме.

25 ноември 2026 - 12:15