Новинарски фаци како Мајк Валас биле ретки и во негово време, а денес се спомнуваат со мешавина на носталгија и стравопочит. Човекот од најавувач на боречки натпревари, преку водител на квизови и тв шоуа, почнал да прави своја телевизиска емисија, „Интервјуто на Мајк Валас", во која во половина час ги „пржел" своите гости, поставувајќи им упатени и детални прашања. Антологиски се неговите интервјуа со Салвадор Дали и Ен Рајнд, но и ова со Олдос Хаксли.
Валас го најавува Хаксли како „човек од перото, кој е исто онолку вознемирувачки колку што е славен", пред сè заради неговата остра општествена критика. На првото прашање на Валас, кој според него е најголемата закана по човечката слобода, Хаксли одговара дека заканата не се состои во еден или повеќе злобни луѓе со име и презиме, туку во поголем број апстрактни сили кои туркаат во таа насока. Меѓу нив одреден број технолошки изуми, кој секој може да ги користи, а кои го забрзуваат овој процес на оддалечување од слободата. Телевизијата, на пример, масовно ги дефокусира луѓето од вистинските проблеми, а пак во тоталитарните режими помага во спроведувањето на ваквите политики. Останати теми: дроги, Орвел, диктаторски режими базирани врз согласноста на владеаните и врз нивните емоции, моќта на пропагандата.
На крајот само требало да додаде - „И да не речете дека не ви кажав“.