„Женски поглед“ - петти Фестивал на грчкиот филм во Скопје
23 ноември 2026
- Петтото издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје ќе се одржи од 25 до 27 ноември во Кинотека, со програма посветена на жените режисерки и нивниот придонес во филмската уметност. Под мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“, публиката ќе може да проследи три долгометражни и два кратки филма, а во рамките на фестивалот ќе се одржи и панел-дискусија за жените, Балканот и филмот.
- Програмата ги поврзува современото грчко филмско творештво и филмските дела од различни периоди, отворајќи простор за приказни што ги преиспитуваат родовите претстави, општествените очекувања и вообичаените начини на раскажување.
- Фестивалот започнува на 25 ноември (среда) во 19 часот со филмот „Titanic Ocean“ на грчката режисерка Константина Коѕамани. Свеченото отворање е најавено за 18:30 часот, а по проекцијата е предвиден разговор со режисерката. „Titanic Ocean“, долгометражно остварување од 2026 година, ја следи 17-годишната Акаме во јапонски интернат каде што тинејџерки се обучуваат да станат професионални сирени. Приказната ги спојува тинејџерското созревање, романтиката и фантастичните елементи, истражувајќи ги идентитетот, желбата и личната преобразба. Филмот е копродукција на Грција, Германија, Романија, Франција, Шпанија и Јапонија и трае 130 минути. Целосната програма е достапна тука.
- Покрај филмските проекции, на 26 ноември во 11 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, ќе се одржи панел-дискусијата „Жените, Балканот и филмската уметност“. На неа ќе учествуваат режисерките Константина Коѕамани, Марија Апчевска и Косара Митиќ, како и професорките Бети Какламаниду и Ана Опачиќ. Модераторка ќе биде Кристина Леловац.