Букбокс гледанка: „Втора шанса“ (Seconds, 1966) или колку животи се доволни?

На овој филм, кој на времето не го добил признанието коешто објективно го заслужува, наидовме на интересен начин - видео во кое се препорачуваа филмови кои најдобро и на филозофски начин ја илустрираат средовечната криза. Како ли не' најде алгоритамот на оваа тема, мајката! Ама фала му, затоа што навистина има зошто во меѓувреме станал култен.  

Главниот лик во „Секондс“ (што може да се преведе на повеќе начини, како двојници, но и како втори можности, животи итн.) , Артур Хамилтон, е средовечен човек незадоволен од својот живот. Кога ќе добие повик од стар пријател за кого верувал дека е мртов, како во епизода на „Блек мирор“ дознава за тајна компанија што нуди можност за нов почеток. Таа му овозможува да ја лажира сопствената смрт, да го промени физичкиот изглед и да добие нова работа и нов идентитет. Така Артур станува Антиох Вилсон, кого го игра Рок Хадсон. Но наместо очекуваното ослободување, новиот живот му носи уште поголема егзистенцијална криза. Иронично, неговата вистинска криза започнува дури откако ќе ја добие втората шанса.

Една од клучните сцени се случува на прослава на која новиот Вилсон присуствува заедно со група млади луѓе. Во раскалашна дионизиска атмосфера, тие се соблекуваат, газат грозје и пијат вино. Но тој очигледно не се чувствува пријатно во таквата средина. Иако има младо тело, во него сè уште живее постариот, конзервативен човек. Сцената отвора едноставно, но непријатно прашање: дали младоста навистина може да се врати само со промена на телото? Кога сме млади, сакаме да пораснеме, а кога ќе пораснеме, копнееме повторно да бидеме деца. Можеби би го прифатиле стареењето полесно ако сфатиме дека со годините се менува и светот околу нас.

Филмот бил слабо прифатен во времето на премиерата, но денес се смета за едно од највпечатливите остварувања на американската кинематографија од шеесеттите. Особено се издвојува експресивната црно-бела фотографија на Џејмс Вонг Хау (кинематографер од Златното доба на Холивуд), кој со необични агли, искривени перспективи и широкоаголни објективи создава чувство на кошмар и дезориентација. Камерата како да ја напушта сопствената перспектива, што совршено се вклопува во темата на филмот – вештачкото повторно раѓање и обидот за создавање нов идентитет.

Франкенхајмер постепено ја проширува приказната од лична драма за идентитетот во остра критика на корпоративната алчност. Компанијата што нуди нов живот функционира преку систем на препораки (читај: пирамидална шема): секој клиент добива награда - уште една шанса - ако привлече нов клиент. Така луѓето стануваат дел од механизмот што ги поробува, а нивните препораки не се обичен маркетиншки трик, туку прашање на живот и смрт. Она што во 1966 година можело да изгледа како дистописка фантазија, денес звучи помалку неверојатно во свет во кој големите корпорации профитираат од експлоатација на човечки труд и животи. Филмот истовремено ја истражува и врската меѓу физичкиот изглед и личноста: дали изгледот го менува начинот на кој се однесуваме или, пак, начинот на кој другите нè гледаат постепено нè претвора во некој друг? Вилсон не го менува само лицето и гласот, туку со текот на времето станува посамоуверен и поотворен, како реакција на новиот идентитет и односот на околината кон него.

Не е случајно што филмот содржи и вистински снимки од операција на нос, во сцената на пластичната трансформација – толку вознемирувачки што наводно еден од камерманите се онесвестил, па режисерот морал да ја преземе камерата. На премиерата во Кан, филмот бил дочекан со негодување, слично како и некои други дела што публиката ги препознала дури многу подоцна. Но „Секондс“ доживеал необична судбина: како и неговиот главен лик, по првичниот неуспех добил втор живот.

Илина, Букбокс

21 ноември 2026 - 10:58