Европскиот парламент изгласа закон кој од 2035 ќе забрани производство на возила што работат на бензин/дизел. Кога овој закон ќе влезе на сила третиот по големина автомобилски пазар на светот повеќекратно ќе ја зголеми гладта за батерии.
„Тоа што парламентарците не го споменаа е дека светот не може да ги ископува и преработува огромните количини на минерали потребни за батериите - литиум, никел, манган, паладиум и други - ни со приближно блиска брзина неопходна за да се случи вака рапидната транзиција на електрични возила.
Гнасната тајна на зелената револуција е нејзиниот незаситен глад за ресурси од Африка и остатокот од светот кои се произведуваат со помош на некои од највалканите технологии на светот.
Уште полошо, забрзаното префрлање на батерии сега се заканува со повторување на една од најдеструктивните динамики во глобалната економска историја: систематското вадење на суровини од глобалниот југ на начин кој ги направи развиените држави незамисливо богати додека зад себе остава трага на еколошко разрушување, прекршување на човекови права и полутрајна неразвиеност насекаде низ земјите во развој,“ пишува Кобус ван Стаден во текстот за Форин полиси.
Некои држави, како Индонезија, од старт сакаат да го сопрат ваквото излевање па воведоа целосна забрана за извоз на сирова руда од никел, со што ги присилија преработувачите да се преселат и да отворат погони во земјата. Слично проба и Боливија со литиумот, ама за сега не и успева во целост.
Проблем е и тоа што како расте важноста на овие метали така кога држави богати со нив ќе пробаат да ги заштитат своите национални интереси, се очекува да почнат да им се случуваат истите работи што изминативе децении им се случуваа на држави што открија големи резерви на нафта. Главно промени на режими, а ако е неопходно и инвазии.
Пример за ова е ДР Конго, државата со најголеми резерви на кобалт во светот, метал клучен за „зелената транзиција“ и посебно за производство на поквалитетни и поиздржливи батерии.
Па така, денес најголемите рудници за кобалт во Конго (а со тоа и во светот) се во сопственост на Кина, која во 2016 влезе во серија купувања на рудниците. Денес, кинески компании контролираат 60% од глобалните резерви на кобалт и 80% од глобалните капацитети за преработка на кобалт. Само една кинеска компанија, КАТЛ, контролира една-третина од светкиот пазар на батерии.
Како што Кина од 2016 работи на обезбедување кобалт, така константно расте притисокот и нервозата во САД, па сега и тие се намерачија на ДР Конго.
Освен што работи на копање руда, Кина сите овие години ја финансира и инфраструктурата во и околу земјата, за да може со железница да стигне до едно од околните пристаништа на инаку целосно копненото Конго.
На терен ова значи дека дури и некако да стигне до богати наоѓалишта на кобалт во Конго, САД без ваква инфраструктура нема да можат да ја извадат рудата од земјата.
Студија од 2019 покажала дека 46 пристаништа во супсахарска Африка се изградени, проширени или управувани од Кина.
На цело ова градење, Кина речиси и да не гради погони за преработка на кобалтот во Конго, туку го извезува како сирова руда, „заради што постои опасност од повторување на цицањето ресурси од колонијалната ера и оставање на Конго во перпетуална неразвиеност.“
Шансата што ја има Западот е што паралелно со кинеските успеси и понатаму останува критиката за кинеските компании во однос на се полошите услови за работа на рударите и намалените еколошки стандарди, плус тоа што не ги испорачуваат „неесенцијалните“ ветувања, како изградба на училишта, болници и слична инфраструктура. Тука западот би требало да влезе.
Без разлика како Кина ќе се справи со конкуренцијата околу Конго, нема гаранции како таа трка ќе се развие и дали ќе доведе до уште едно исцрпување на африканските ресурси со многу малку корист за Африканците.
„Тоа е затоа што Западот не беше видливо подобар од Кина. Западните гиганти кои работат во Конго, како швајцарската рударска компанија Гленкор, имаат долго и тековно досие за прекршување човекови права и корупција.
Брз преглед на западната историја во Конго - од белгиското кошмарно колонијално владеење до американската поддршка за озогласено бруталниот и корумпиран режим на Мобуту Сесе Секо - тешко е кинеските инвеститори да се опишат како некои уникатно лоши во конкуренција на странците кои оперираат во Конго,“ пишува Ван Стаден.
Процената на Стаден е дека без разлика на овие работи за американските компании е премногу комплицирано во поголем обем да се вмешаат во Конго, посебно заради нивниот фокус на најразлични политички агенди со кои американската јавност ги притиска.
„Вашингтон најчесто го врамува прашањето за иднината на африканскиот просперитет како да зависи од нивниот избор на партнери, а САД се преставуваат како поеколошка, поодговорна, потранспарентна страна насочена кон развој.
Во реалноста САД и Кина се многу поблиски еден на друг отколку што овој наратив сака да признае.
И двете се фокусирани на вадење сирова руда и по можност нејзина преработка дома.
Целосната логика на трката за метали за батерии е да се обезбеди национален прогрес дома, не во Африка. Светиот грал на африканскиот економски развој е изградба на сопствена производна база, не само вадење и рафинирање метали, туку релоцирање на целиот синџир за снабдување поврзан со батериите. За сега тоа останува сон.
На крајот трката меѓу Вашингтон и Пекинг околу материјали за батерии го прикрива длабокиот и фундментален јаз не меѓу Кина и САД туку меѓу северот и југот. За глобалниот југ да има корист на широк и опиплив начин од своето минерално богатство - ресурси кои се станати егзистенцијални за климатската политика - ќе бидат потребни такви масовни промени во глобалниот синџири за снабдување и економски врски што тие обично воопшто не се ни споменуваат,“ пишува Ван Стаден.