Јапонскиот уметник со 30 имиња

Aвтор e на повеќе од 30.000 цртежи, се преселил 93 пати и во текот на животот користел повеќе различни имиња. Но неговата творечка љубопитност не стивнала ниту во длабока старост: самиот верувал дека дури по седумдесеттата година почнал вистински да ја разбира уметноста. Од духовитите цртежи и прирачниците за цртање до славната графика „Големиот бран кај Канагава“, делото на Хокусаи го надминало времето во кое настанало и оставило силна трага врз европската уметност.

Јапонскиот графичар Кацушика Хокусаи (1760–1849) бил еден од најплодните и најиновативните уметници на своето време. Во текот на долгата кариера создал повеќе од 30.000 цртежи, користел околу 30 различни уметнички имиња и се преселил дури 93 пати. Неговата немирна природа и постојаната потреба за експериментирање се гледаат и во начинот на кој создавал. Според позната анегдота, бил повикан на дворот на шогунот Иенари за да се натпреварува во цртање со друг, поконвенционален уметник. Хокусаи на хартија повлекол сина линија, потоа натопил нозе на петел во црвена боја и го пуштил да претрча преку листот. Така настанал пејзаж во кој сината линија ја претставувала реката Тацута, а црвените траги – лисја од јавор што пловат по неа. Шогунот бил воодушевен, а Хокусаи го добил натпреварот.

И покрај огромниот опус, уметникот верувал дека вистинското мајсторство го стекнал дури во староста. Во предговорот на серијата илустрирани книги „Сто погледи на планината Фуџи“ напишал дека дури на 50 години почнал да создава дела што привлекле внимание, но дека сè што направил пред седумдесеттата година не заслужува особена почит. Дури на 73 почнал да ги разбира формите и природата на птиците, животните, инсектите, рибите и растенијата. Се надевал дека на 86 ќе ги разбира уште подобро, на 90 ќе навлезе во нивната суштина, а на 100 ќе достигне речиси божествено разбирање на светот. Во тој период се потпишувал како „Старецот луд по сликање“.

Пред да го достигне својот зрел стил, Хокусаи поминал речиси половина век учејќи и експериментирајќи. Како тинејџер работел како резбар на дрвени блокови, а потоа се приклучил на ателјето на Кацукава Шуншо, еден од познатите претставници на укијо-е – уметничкиот правец познат како „слики на минливиот свет“. Овој жанр ги прикажувал секојдневните градски задоволства и славните личности на тогашна Јапонија: куртизаните, сумо-борaчите и актерите на кабуки-театарот. Ги објавил своите први самостојни графики на 19 години, а подоцна значително го проширил опсегот со пејзажи, сцени од секојдневниот живот и претстави на природата. Во Јапонија, која до пристигнувањето на американскиот комодор Пери во 1853 година била во голема мера затворена за надворешниот свет, неговите дела им овозможувале на луѓето да ги откриваат убавините на сопствената земја.

Хокусаи сакал и да ги забавува и да ги подучува своите гледачи. Во 1814 година објавил петнаесет тома цртежи под наслов „Манга“ – не стрипови во денешната смисла на зборот, туку околу 4.000 живи, духовити скици на луѓе, животни и сцени од народниот живот. Тие биле наменети и како забава и како извор на идеи за други уметници. Инспириран од европските цртежи и прирачници за цртање што во Јапонија ги донеле холандските трговци, самиот создал петнаесет книги со упатства за цртање. Во една од нив објаснувал дека сложените форми во природата можат да се сведат на кругови, триаголници и квадрати – пристап што, неколку децении подоцна, на сличен начин ќе го застапува и Пол Сезан.

Најпознатата серија на Хокусаи, „Триесет и шест погледи на планината Фуџи“, создадена околу 1830–1833 година, ја прикажува планината во различни временски услови и годишни времиња. Една од графиките од оваа серија стана една од најпрепознатливите слики во историјата на уметноста: „Големиот бран кај Канагава“. На тековна изложба галеријата Далвич во Лондон (до јануари 2027) се претставени три нејзини верзии, од кои две сè уште ги зачувале остатоците од розовото небо што Хокусаи првично го замислил. Во преден план се гледаат мали чамци и веслачи соочени со огромната сила на водата. Планината, пак, останува мирна и рамнодушна во позадината – сведок на човечките напори, стравови и секојдневие. 

20 ноември 2026 - 16:08