За нашата уредувачка политика во 2016-та

Оваа викаат дека ќе биде изборна година. Пропагандните машинерии сè уште не се забревтани до максимум ама кај и да е -  ќе. Па да биде јасно за нас, и на тие што ги водат машинериите и на тие што доброволно горат во нив по социјалните мрежи.

Фактор:  По отварањето на случајот „Пуч ", објавивте репринт на своја колумна од пред 10 години бранејќи ја владејачката гарнитура. За собранискиот инцидент од 24 декември објавивте текст за наводно сличен настан од пред 20 години. Зошто се обидувате да ги релативизирате состојбите во Македонија?

Трендо: За да ги заебавам оние кои сакаат да апсолутизираат. Таквите отсекогаш ме терале да ги нервирам. Јас и Ајнштајн, тие сме тие кои релативизираат. Точно 101 година откако тој успеа да го релативизира времето – без да му фали влакно ниту нему ниту на времето – овде за грев се зема ако ги релативизираш актуелните политички агенди или потезите на здивените партиски армии и медиуми кои брутално ги спроведуваат.

Дали навистина некој верува дека ќе успее да ме убеди дека денот треба да ми се состои од следење на потезите на Никола Тодоров или Петре Шилегов? Малку ли медиуми се занимаваат со тоа, нејќете ли да читнете нешто за Хуго Прат, за Боб Дилан, за Коста Бургов? Во време кога македонското новинарство наголемо пред очи ни гние од копи-пејст текстови, јас сум станал сомнителен затоа што сум објавил мој текст на мој сајт.

Колумна од пред 10 години, настан од пред 20 години, може и да е вест за нешто од пред 2.000 години сеедно. Видено низ партиски наочари, сè е сомнително. Ние денес најавивме најјак прес на светот, а Трендо објавува интервју со Ентони Бордејн! Каков предавник!

Али ок, мислам дека и да го водев сајтот на "Храна и вино", таа параноја пак ќе беше иста. Од чија ли е сега тој, зошто баш сега таков сајт? И идиоти ќе мислеа дека секој ден прво треба да им се изјаснам за дневните теми на кои се напалиле на Фејсбук па дури потоа да пристапам кон рецептот.

А искрено, дури и целата публика во Македонија да здиви во таа насока, јас сум прилично заебано решен и доволно силен да ги бранам моите слободи. И љубопитноста и желбата да се доловува сета сочност на овој чудесен живот и шареност на овој чудесен свет.

Ако не сте забележале, јас со години упорно и педантно работам на тоа да разочарам дел од моите фанови. Не знам колку ги има таквите ама знам кои се. Оние кои помислија дека вечно ќе им бидам дубаче со кое полесно ќе се движат низ дневните актуелности. Вака, без дубаче, можеби побрзо ќе научат сами да одат. Или пак нека си најдат друго, нека си одберат нови медиумски јунаци и ајт со среќа.

За политиката, медиумите, институциите, бомбите, ликовите од Фејсбук, хуморот и друго, во интервјуто за Фактор -  тука.

*****************************

Со нормалните одамна се разбираме, а на оние другите им ветуваме дека ќе продолжиме да ги гледаме со непроменета диоптрија.


2 јануари 2016 - 13:17