Фудбалерот што го претвори Толстој во бестселер

Кој вели дека фудбалерите не читаат? Бразилскиот фудбалер Густаво Скарпа докажа дека една добра книжевна препорака може да направи нешто што не им успева ни на многу издавачки кампањи: да ги натера луѓето да побараат книга стара 140 години. Неговата препорака за новелата „Смртта на Иван Илич“ од Лав Толстој предизвика толкав интерес што книгата се искачи на врвот на листата на најпродавани книги на бразилскиот Амазон, а потоа почнаа да ја бараат и читатели во соседна Аргентина.

Густаво Скарпа има 32 години и зад себе веќе има успешна фудбалска кариера: во 2022 година бил прогласен за најдобар играч во бразилското првенство, а освоил и две титули во Копа Либертадорес (што и да значи тоа...ама звучи битно). Имал и краток ангажман во англискиот Нотингем Форест, пред да се врати во Бразил и да заигра за Атлетико Минеиро. Но денес неговата популарност сè помалку се должи само на фудбалот, а сè повеќе на неговиот втор идентитет – „Буктјубер“. Интересот за читањето го открил релативно доцна, кога еден практикант во фитнес-тимот на Палмеирас му ветил книга за секој постигнат гол или асистенција. Скарпа почнал да чита дури и додека шетал низ тренинг-центарот, а подоцна ги споделувал своите впечатоци на Инстаграм, со кратки и духовити коментари за Макијавели, Кафка и Стивен Хокинг.

Неговите видеопрепораки прераснале во вистинско читателско движење. Навивачите на Атлетико Минеиро основале клуб за читање наречен „Галејтура“ – игра на зборови од името на маскотата на клубот, петелот, и португалскиот збор за читање. Групата денес има над 130.000 следбеници, организира донации на книги и активности во училиштата, а нејзиниот пример го следат и навивачи на други клубови. Некои од нив признаваат дека пред Скарпа никогаш не прочитале книга. Дури и Владимир Толстој, правнук на писателот и директор на Државниот музеј „Лав Толстој“ во Москва, му испратил видео-благодарница за тоа што придонел делото на неговиот предок повторно да стане бестселер.

Скарпа вели дека најмногу го привлекуваат книгите за самоуништувањето и внатрешните конфликти, како оние на Достоевски, а омилена му е „Клетници“ на Виктор Иго. Успеал да поттикне уште петмина свои соиграчи да почнат да читаат, а неговиот тренер, Аргентинецот Едуардо Домингез, ги користи неговите препораки и за да го подобри познавањето на португалскиот јазик. Можеби најубавиот резултат од оваа необична книжевна слава е токму тоа што книгите ги зближуваат и навивачите на ривалски клубови – луѓе кои инаку можеби никогаш не би седнале заедно. 

извор

23 ноември 2026 - 15:18