- Њујорк Тајмс објави листа на 100 забележителни книги на годината што полека изминува. Подолу неколку поенти што зборуваат за издавачките тенденции од 2026, барем во англиското говорно подрачје.
- Белетристиката и понатаму е центарот на книжевниот престиж, но сè помалку е затворена во сопствените жанровски граници. Во изборот се наоѓаат романи како „Американски хагвон“ (хагвон е вид приватно училиште во Кореја) на Мин Џин Ли, „Оние што исчезнуваат“ на Марлон Џејмс (беше во финалето за Букер), „Канон“ на Пејџ Луис и „Џон, синот на Џон“ на Даглас Стјуарт (исто така во финалето за Букер). Станува збор за автори и дела што ја третираат фикцијата како простор за истражување на општеството, историјата, идентитетот и човечките односи.
- Жанровската литература повеќе не е периферија на сериозното издаваштво. Во изборот има романса (Star Shipped), хорор (Off the Reservation) и научна фантастика (Earth 7). Границата меѓу комерцијалната и таканаречената книжевна литература станува попропустлива. Издавачите и критичарите сè повеќе прифаќаат дека жанровската книга може да биде и уметнички амбициозна и општествено релевантна.
- Нефикцијата станува начин да се чита и разбере современиот свет. Меѓу издвоените наслови се наоѓаат книги за политичката моќ, расизмот, насилството, социјалните нееднаквости, личната историја и колективната меморија. На пример, „Страв и бес“ на Хедер Ен Томпсон се занимава со политичката историја на осумдесеттите во САД, „Лондон повикува“ на Патрик Раден Киф ја реконструира смртта на еден млад човек во лондонското подземје, а „Странци“ на Бел Бурден е мемоар за лична и семејна криза.
- Петтото издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје ќе се одржи од 25 до 27 ноември во Кинотека, со програма посветена на жените режисерки и нивниот придонес во филмската уметност. Под мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“, публиката ќе може да проследи три долгометражни и два кратки филма, а во рамките на фестивалот ќе се одржи и панел-дискусија за жените, Балканот и филмот.
- Програмата ги поврзува современото грчко филмско творештво и филмските дела од различни периоди, отворајќи простор за приказни што ги преиспитуваат родовите претстави, општествените очекувања и вообичаените начини на раскажување.
- Фестивалот започнува на 25 ноември (среда) во 19 часот со филмот „Titanic Ocean“ на грчката режисерка Константина Коѕамани. Свеченото отворање е најавено за 18:30 часот, а по проекцијата е предвиден разговор со режисерката. „Titanic Ocean“, долгометражно остварување од 2026 година, ја следи 17-годишната Акаме во јапонски интернат каде што тинејџерки се обучуваат да станат професионални сирени. Приказната ги спојува тинејџерското созревање, романтиката и фантастичните елементи, истражувајќи ги идентитетот, желбата и личната преобразба. Филмот е копродукција на Грција, Германија, Романија, Франција, Шпанија и Јапонија и трае 130 минути. Целосната програма е достапна тука.
- Покрај филмските проекции, на 26 ноември во 11 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, ќе се одржи панел-дискусијата „Жените, Балканот и филмската уметност“. На неа ќе учествуваат режисерките Константина Коѕамани, Марија Апчевска и Косара Митиќ, како и професорките Бети Какламаниду и Ана Опачиќ. Модераторка ќе биде Кристина Леловац.
- Алтернативниот стрип-магазин „Тешка Машинерија“ го објавува својот четврти број и ја заокружува втората година од постоењето финансирана исклучиво со сопствени средства. Официјалната промоција на новото издание од 72 страници ќе се одржи в петок, 21 ноември 2026 година, со почеток во 19:00 часот во „Цреша бар“ во Скопје.
- Независната стрип-продукција во Македонија ретко добива континуитет, но „Тешка Машинерија“ успеа да изгради стабилен ритам на излегување без институционална поддршка. Магазинот се појави првпат на скопскиот фестивал „Стрип-трип“ во 2025 година како скромен фанзин на само 16 страници.
- За неполни две години, обемот на публикацијата се зголеми за повеќе од четири пати. Четвртото издание пристигнува на 72 страници, со што оваа иницијатива прераснува во сериозен печатен простор за новата генерација домашни цртачи и сценаристи.