Австрискиот кројач, подоцна натурализиран Француз, Франц Рајхелт, останал запаметен како „летечкиот кројач“ – човек кој верувал дека ќе создаде костум што ќе им овозможи на пилотите безбедно да се спуштат на земја доколку мораат да го напуштат авионот во воздух.
Рајхелт е роден на 16 октомври 1878 година во Вегштетл, во тогашната Австроунгарија, денешна Чешка. Во 1898 година се преселил во Париз, каде што се занимавал со кројачкиот занает и отворил сопствена работилница за женска облека. Во 1909 година добил тамошно државјанство и го францизирал своето име во Франсоа. Но, покрај успешната кројачка работа, сè повеќе го привлекувала идејата за создавање падобран што би можел да се носи како обична облека.
Неговиот изум бил своеобразен костум-падобран: обемна облека со лесна метална конструкција, гумени делови и голема свилена површина скриена во делот околу грбот и главата. Идејата била пилотот, во случај на опасност, само да ги рашири рацете, со што би се отворила површината и би се создал отпор на воздухот што ќе го забави падот. Првите испитувања ги правел со кукли што ги фрлал од прозорецот на својата зграда. По повеќе неуспешни обиди и измени на конструкцијата, тврдел дека успеал да постигне контролирано спуштање.
На 4 февруари 1912 година добил дозвола да го тестира изумот од Ајфеловата кула. Иако дозволата се однесувала на експеримент со кукла, Рајхелт решил самиот да скокне, убеден дека костумот ќе функционира. Пред бројните фотографи и сниматели, скокнал од првата платформа, од височина од околу 57 метри. Падобранот не се отворил и тој загинал на самото место, на 33-годишна возраст. Настанот бил снимен на филм и станал еден од најпознатите документирани експерименти во раната историја на воздухопловството. Греота човекот.