
На социјалните мрежи, особено меѓу генерацијата З, осуда предизвикуваат не само врските меѓу луѓе што ги делат две или три децении, туку понекогаш и помалку од десет години. Не се работи за случаи каде што едниот е малолетен, на такви сите се лутиме. Не се ни само такви што се реално за прашалници без разлика на полнолетност, како 18 со 56. Не, кукаат и без разлика што помладиот во парот може да има над 30 години, како да не може да одговара за себе и за сопствените избори, особено ако е жена. Постоењето на разлика во возраста за некои е доволно за да се претпостави манипулација, експлоатација или предаторско однесување.
Истражувањата на јавното мислење во Велика Британија укажуваат на генерациски разлики во прифаќањето на ваквите врски. Социјалниот психолог Џастин Лемилер, кој речиси две децении ги проучува партнерските односи со разлика во возраста, посочува дека стигматизацијата на овие парови не е нов феномен - она што денес е поизразено е подготвеноста на младите јавно да го изразат своето неодобрување, неретко директно обраќајќи им се на самите партнери.
Едно од можните објаснувања лежи во променетата претстава за зрелоста. Психологот Џефри Џенсен Арнет уште во 2000 година го воведува концептот на „зрелост во настанување“ - развоен период меѓу адолесценцијата и возрасниот живот. Продолженото образование, економската несигурност, скапите недвижнини и фактот што подоцна се осамостојуваат младите - сето тоа придонесува за поместување на границите на она што општеството го смета за зрелост. Дваесетгодишен студент кој живее со родителите и 27-годишен човек со кариера и сопствен дом денес можат да се доживуваат како припадници на сосема различни животни категории.
Кон ова се надоврзува и популарното толкување на невролошките истражувања според кое човечкиот мозок целосно созрева на 25 години. Науката, всушност, не утврдува таква прецизна возрасна граница - различни мозочни структури и функции се развиваат со различно темпо, а мозокот продолжува да се менува во текот на целиот живот. Сепак, во популарната култура, помладите од 25 години се доживуваат како особено подложни на манипулација, а постарите како луѓе што би можеле да ја искористат нивната ранливост.
Толку, други варијанти не постојат.
Генерацијата З е и првата генерација што порасна со широко распространета психолошка терминологија во секојдневната комуникација. Поимите како траума, манипулација, нарцизам и нерамнотежа на моќта им овозможуваат на младите полесно да препознаат однесувања што претходните генерации честопати ги нормализирале. Психолози укажуваат и на феноменот на семантичко проширување на психолошките концепти, односно на тенденцијата поимите што означуваат психолошка повреда и патологија постепено да опфаќаат сè поширок спектар човечки искуства. Пример, детето прави беља, ти го дисципинираш (казнуваш, одземаш конзоли за играње, не даваш пари за излегување) и веќе те гаѓа со „траума“, „токсично родителство“ и „нарцисоидно нарушување на личноста“.
Така, разликата во животното искуство лесно може да се протолкува како манипулација, без да постојат конкретни показатели за неа.
Во однос на таа нивна претпазливост, не треба да се занемари ниту влијанието на движењето #MeToo, кое им го одбележа формативниот период. Разговорите за согласноста, злоупотребата на авторитетот и нееднаквата распределба на моќта станаа составен дел од нејзиното сексуално и општествено образование. Некои истражувања покажуваат дека предрасудите кон паровите со поголема разлика во возраста во значителна мера произлегуваат од претпоставката дека постариот партнер извлекува поголема корист од врската. Возраста, како лесно забележлива карактеристика, станува мерило за нешто многу посложено - распределбата на моќта во интимниот однос.
Психолозите Курт Греј и Даниел Вегнер, пак, ја опишуваат човечката склоност кон доделување морални улоги: оној што може да нанесе повреда и оној што може да биде повреден. Откако некому ќе му ја доделиме улогата на потенцијална жртва, потешко го согледуваме неговиот капацитет за самостојно одлучување.
Особено интересен е феминистичкиот парадокс на оваа појава. По децении борба за признавање на правото на жената самостојно да одлучува за своето тело и сексуалност, повторно се доведува во прашање нејзината способност да избере партнер. Дваесет и четиригодишна жена може да основа семејство, да раководи со компанија и да донесува одлуки со далекусежни последици, но нејзиниот избор на постар партнер може да биде дочекан со сомнеж во нејзината зрелост. Како и секогаш, двојни аршини за жените, нели?
Секоја генерација воспоставува сопствени правила за општествено прифатливото интимно однесување. Некогаш се оправдувале со религија, пристојност и семеен углед, а денес сè почесто со психолошката безбедност. Притоа, останува прашањето во кој момент оправданата грижа за туѓата благосостојба преминува во морален надзор над туѓиот живот и дали, во настојувањето да ги заштитиме возрасните луѓе од потенцијална злоупотреба, ризикуваме да им го оспориме самото право на автономија.