Дали науката ќе ни овозможи да намалиме на 4 месечни циклуси годишно?

Замислете иднина во која менструацијата не доаѓа секој месец, туку само четири пати годишно. Звучи too good to be true, но токму ваква можност истражуваат научници кои се занимаваат со стареењето на јајниците и женското репродуктивно здравје. Засега станува збор за рана истражувачка идеја, а не за терапија што наскоро ќе биде достапна. За жал.

Хонгмеј Ванг, кинески биолог и нејзиниот тим истражуваат дали забавувањето на овулацијата би можело да помогне во зачувувањето на резервите на јајниците и потенцијално да го продолжи репродуктивниот период. Идејата се заснова на едноставна, но сè уште недокажана претпоставка: ако јајниците поретко овулираат, можеби би можеле побавно да ги трошат своите резерви на јајце-клетки.

Жената се раѓа со ограничен број јајце-клетки, а нивниот број постепено се намалува во текот на животот. Со возраста не се намалува само количината, туку и квалитетот на јајце-клетките. Тоа е една од причините поради кои плодноста опаѓа со годините, особено по 35-тата и уште поизразено по 40-тата година. Додај тука и „геријатриски татковци“, и условите стануваат сè покомплицирани.

Она што ја усложнува работата е што, прво, менструацијата и овулацијата не се една иста работа. Можно е хормонски да се потисне менструалното крварење, како што веќе се прави со одредени видови контрацепција, но тоа не значи дека стареењето на јајниците е запрено. Исто така, ако овулацијата се потиснува подолг период, може да се намали и производството на естроген, хормон кој има важна улога во коските, кардиоваскуларното здравје и други функции на организмот. Од овие причини, идејата за „четири менструации годишно“ не треба да се сфати буквално како едноставно решение за продолжување на плодноста. Истражувачите се обидуваат да одговорат на многу посложено прашање: дали е можно да се забави биолошкото стареење на јајниците без притоа да се нарушат другите функции на репродуктивниот систем.

Во ова поле веќе постојат и други интересни експерименти. Тимот на Ванг објавил истражување во кое трансплантација на матични клетки кај природно остарени мајмуни била поврзана со продолжување на нивниот репродуктивен живот. Постојат и рани истражувања кај жени со предвремена оваријална инсуфициенција, но резултатите се ограничени и далеку од тоа да докажат дека стареењето на јајниците може да се „врати назад“.

Значи, не сме баш блиску до четири менструации годишно, ама фала богу, науката почна да го разгледува стареењето на јајниците како процес кој потенцијално може да се забави, а не само како неизбежен часовник што едноставно треба да се следи.

Доколку некогаш успееме безбедно да го забавиме тој часовник, последиците би биле многу поголеми од само помалку менструации. Би можеле да добиеме сосема поинаков начин на размислување за женската репродуктивна возраст.


Види и: Јајниците не „затвораат“ - добиваат нова улога

16 октомври 2026 - 12:04