По менопауза, јајниците добиваат нова улога

Со децении важеше дека „толку од јајниците после менопауза“, како и за што било поврзано со жени кога ќе остарат. Но, ново истражување покажува дека, како и жената, јајниците прават левел ап.

Студијата, објавена во списанието Molecular Human Reproduction, анализирала јајници на глувци во различни фази од репродуктивното стареење. Истражувачите од Нортвестерн споредиле млади глувци со репродуктивно стари и пострепродуктивни глувци и откриле дека по губењето на репродуктивната функција, јајниците развиваат профил што тесно се поврзува со имунитет.

Во пострепродуктивните јајници биле забележани зголемено присуство на Т-клетки, макрофаги и други имунолошки клетки, како и поголема активност на гени поврзани со воспаление и имунолошки реакции. Истовремено, исчезнувале знаците поврзани со фоликулите и репродуктивната функција.

Истражувачите затоа сметаат дека пострепродуктивниот јајник не е едноставно „исклучен“ орган, туку дека продолжува да се менува и да има активна молекуларна улога и по завршувањето на репродуктивниот период. Тие дури предлагаат (сѐ уште само како хипотеза) дека некои супстанци произведени во старите јајници би можеле да влијаат и на други ткива во организмот преку воспалителни сигнали.

Иако е сѐ уште на животни, она што студијата го менува е традиционалната претстава дека јајникот по репродуктивната возраст едноставно престанува да биде релевантен. Наместо тоа, истражувањето укажува дека стареењето на јајниците може да биде динамичен процес поврзан со воспаление и имунолошка активност - што отвора нови прашања за тоа како стареењето на женскиот репродуктивен систем може да биде поврзано со здравјето во подоцнежните години.

Ај, може во следниве децении ќе добиеме пристојна количина на истражувања за женското здравје. Ќе да е време.

10 септември 2026 - 00:00