Суштинското тензијашење на Блискиот исток ја црпи енергијата од вековната сунитско-шиитска нетрпеливост (види: Сунити и Шиити, објаснето), канализирана од доживотните непријатели Саудиска Арабија и Иран.
Кому му е наклонет к'сметот во актуелниот глобален распоред на силите е јасно од политиката на САД кон овие две земји. На Иран му се бараат раски во очите, на Саудиска им замолчуваат и за балваните, иако постои огромна евиденција дека вториве се главната матица на меѓународниот тероризам и главен извозник на верски фундаментализам во Европа и светот (види: Европа мора да престане да увезува имами од Саудиска Арабија).
Како што бива, среќата оди кај оној „кому ќе му се падне паричето“. Во случајов, нафтата.
Убедливо ре-избраниот Хасан Рохани (23 милиони гласови за него наспроти 15 милиони за конзервативниот клерик и судија Ебраим Раиси; а ние не можеме попис да направиме) важи за умерен политичар од иранската политичка сцена кому му е јасно дека на слична умереност не може да очекува од новиот американски претседател (особено од него).
Рохани изјави дека односите со САД отсекогаш биле „пат со кривини“ но потсети на постигнатиот нуклеарен договор со нив во 2015-та како пример за вин-вин ситуација. Во однос на новата постава на Белата куќа не беше толку пребирлив на зборови.
„Иранците чекаат американската власт да стане интелектуално стабилна со надеж дека ситуацијата ќе се смири и ќе има простор за поразумни одлуки. Американците суштински не го познаваат нашиот регион и, за жал, секогаш правеле грешки, кога го нападнаа Авганистан и Ирак, кога се замешаа во Сирија и Јемен...“, изјави 68 годишниот клерик.
Тој оцени дека посетата на Трамп е политичко чаталење без суштински импликации и дека замижувањето пред врските на Саудиска Арабија со тероризмот не може довека да биде одржувано со давање пари на светските веле-сили.
Згора на сè, тој ги потсети и САД и Саудијците дека тој е претседател на една земја во која 40 милиони луѓе неодамна излегоа на гласање. Во кралството кое штотуку го посети Трамп, луѓето не ни знаат како изгледа гласачко ливче.
„Зарем некој навистина верува дека може да има мир во регионот без Иран?“, праша Рохани.