Прво, средете си ги фактите.
Ал Каеда и нејзиниот најнов клон наречен Исламска држава не настанаа како резултат на инвазијата на Ирак или граѓанската војна во Сирија.
Тие се родени од непринципелната коалиција меѓу Америка и вахабистичките фанатици од Саудиска Арабија за да се порази комунизмот и да се сруши Советскиот сојуз. Ви текнува на Студената војна и на Авганистан? Тоа беа прималните гревови заради кои сите ние денеска ја плаќаме цената.
Самиот исламизам, се разбира е многу постар феномен кој доби неверојатно засилување штом дојдоа парите од нафтата во Заливот. И ќе го има во сите можни ужасни форми и кога Исис ќе биде поразен, сè додека има луѓе кои веруваат дека постојат умерени и радикални исламисти. Исламизмот е екстремизам.
Пресушување на мочуриштето
Дали европските лидери навистина сакаат да сторат нешто околу тоа, како што викаат? Еве што тие мора да направат:
- Да ги пресечат сите Катарски и Саудиски финансирања на исламистички активности во Европа, без разлика во која форма се појавуваат: преку џамии, училишта, хуманитарни организации, тн. тинк-тенкови кои го оправдуваат насилството, менталитетот на жртви меѓу муслиманите и го легитимираат речникот на омразата.
- Да образуваат европски имами кои студираат историја и психологија на религиите. Не увезувајте имами од земји како Египет и Пакистан и сигурно не од оние кои студирале во Саудиска Арабија.
Постои директна линија меѓу идеологијата на Муслиманското братство и глобалниот џихад. Не е тоа ни линија бидејќи е идентична идеологија. Овозможувањето Муслиманското братство да продолжи да оперира во европските џамии, училишта, хуманитарни друштва и студентски асоцијации значи овозможување на ракот да расте и да метастазира. Ако го забранивте Хизб-Ал Тахрир, зошто да не се забрани Муслиманското братство, мајката на сите терористички организации? Не дозволувајте да ве поведе приказната на нивните европеизирани портпароли. Погледнете ја суштината на нивната идеологија: Коранот е нашиот устав, џихадот е нашиот пат, маченичката смрт е нашата крајна цел. Што повеќе докази ви требаат?
Отровен агол на гледање
Внимавајте на секој говор кој го користи долунаведениот речник. Тоа се тулите од кои се гради доктрината на омразата што ги демонизира не-муслиманите и го потцртува исламистичкиот наратив за оправдување на убиствата на неверниците, западњаците, христијаните, Евреите, атеистите, Јазидите, хомосексуалците и кој и да е друг кој не е муслиман или не застанува зад исламистичката доктрина.
- Муслиманите се жртви на Западот
- Западот е декадентен и нема принципи
- Палестина е примарна кауза на Исламот и муслиманите (а всушност, Палестина е главна кауза на Палестинците)
- Исламот е единствената вистинска вера и таа мора да превагне
- Исламот е нападнат
- Критика на Исламот или исламизмот е исламофобија
Лажни врски
Оние кои уште се занесуваат со илузијата дека постои поврзаност меѓу сиромаштијата и немањето шанси со исламистичкиот терор, би сакал да ги потсетам дека Осама Бин Ладен беше милионер, актуелниот лидер на Ал Каеда, ал Завахири, доаѓа од добро стоечко семејство од средната класа исто како и лидерот на организацијата во Јемен и другите нивни водачи.
А оние пак, кои тврдат дека недостатокот од демократија е уште една причина за радикализација и исламистички терор, ги упатувам кај многуте Европјани кои му се придружија на глобалниот џихадизам.
Земете ги за пример француските муслимани кои го изведоа варварското злосторство во Париз или британскиот муслиман познат како 'Џихади Џон' кој своерачно сечеше глави на луѓе: не доаѓаат тие од сиромаштијата на Јемен, Египет или Вазирiстан, ниту пак им недостасувале можности, ниту пак кусок демократија ги одвел во џихадистички криминал; не, тие имаат растено во едни од најдемократските општества на светот.
Главен носител на вирусот е Муслиманското братство кое продолжува да ги ужива сите права и слободи од демократијата истовремено работејќи на нивно поткопување, перејќи им го мозокот на младите европски муслимани, внесувајќи им ги идеите за џихадот, статусот на жртви и супериорноста на исламистичката супериорност.
Ако Запад навистина сака да го сопре регрутирањето за Исис или Ал Каеда, знае каде треба да оди и што да прави. Исламизмот е екстремизам. Не постои умерен исламизам. Престанете да верувате во пропагандата на Муслиманското братство и нивните апологети во европското мислење.
Исламот и исламизмот
Уште една илузија вели дека исламизмот не е Ислам. Одговорот е и да и не.
Исламизмот се извлекува и се одржува од канонизираните четива на Исламот. Затоа е и тешко да му се контрира од позиција на самиот Ислам.
Можете да најдете многу историски и пишани примери кои оправдуваат да се тргне со сабја кон неверникот или оние кои се доживуваат како непријатели. И ако во дискусија се фатите за тие текстови, тешко да победите со цитати. Муслиманското братство, Ал Каеда и Исламската држава ќе ве победат со цитати.
Само ако ги натерате да се соочат со Универзалната декларација за човекови права можете да го поткопате нивниот исламизам и легитимитетот кој моментално го уживаат.
Тоа сега не се случува и тешко наскоро да се случи. Само културна и религиозна револуција може да создаде пат за таква промена. Се додека фундаменталните догми на Исалмот и неговото учење се прифаќаат буквално - што значи дека она што било валидно во 7-от век мора да е валидно и денес - исламизмот ќе опстојува.
На тој начин - да искористам еден концепт од библиската егзегеза - мртвото слово ќе го убие духот на Исламот.
А тоа се лоши вести и за муслиманите и за сите нас.
Магди Абделхади, надворешно-политички коментатор на Би Би Си.