Џош Тилман е американски музичар, поранешен тапанар на Флит Фоксис, кој во 2012 одлучил да почне да го користи псевдонимот отец Џон Мисти. Причина: растел во семејство на евангелисти во предградие на Вашингтон, и кога бил мал сакал да стане свештеник, затоа што тоа било најблиску до настапувањето на сцена. „Мисти" пак го одбрал затоа што според него истовремено евоцира и име на детско коњче, и на стриптизета. Му било забрането да слуша „световна" музика - дури на 17 години родителите му го дозволиле тоа, но само доколку музиката имала „духовна тема". За среќа во оваа група го класифицирале и Дилан.
Првиот албум под името на „отецот" го издал во 2012, со наслов Fear Fun, а вториот излезе на 10 февруари оваа година, и се вика I Love You, Honeybear. Oбата од страна на критичарите се високо оценети и категоризирани како „психоделичен фолк" или „инди рок". Вистината е дека неговата музика тешко се опишува - нам ни звучи на моменти ко Ник Дрејк, ко Кејв, ко Коен, но и како ништо од сето ова. Прециничен како за „фолк" албум, тој зборува за „несекси карактеристиките на современиот очај" (види ги на пример стиховите на Holy Shit), но истовремено е и љубовен, посветен на неговата нова жена, режисерката Ема Гар. „Третираме идеи како свети предмети - љубов кон жена, кариера во славен бенд..Мораме да ги демистифицираме овие работи - сакав да пишувам за љубовта без да се фолирам", вели тој во обемно интервју за Гардијан. Мисија на еден отец - да демистифицира? Па и не е толку парадоксално колку што звучи.
Одличен настап кај Летерман со цел оркестар во живо, со една од песните на албумот, Bored in the USA (очигледна референца на Спрингстин)
Целиот албум
Oбработка на Коен - Like a Bird on a Wire