Според голем број гурмани, покрај шеќерот, ментата и шлагот, јагодите имаат нов најдобар пријател - црниот бибер.
Звучи како нешто од „50 нијанси сиво" ама не е - со бибер јагодите добиваат поинтензивен вкус, и оставаат благо лута трага во устата. Освен тоа, тој им ја неутрализира киселоста, којашто за разлика од лимонот или портокалот, кај јагодите не придонесува кон нивната привлечност. Основен услов е да не претерате со него и да запамтите дека тој во таа чинија не е главен на журката.
Можете просто да исечкате јагоди и да ги „посолите" (побиберите?) со бибер. Тој на многу интересен начин ќе им наостри вкусот, ќе ги додефинира. Онака како што тоа го прави солта со месото. Ако ве бендиса, следно ниво може да биде џем од јагоди со бибер, биберосан сладолед па дури и смрзнати лижавчиња.
Исто не е лошо (проверено) и јагоди со малку балсамико, особено со оној во крем, кој и онака малку слади.
Она што светските готвачи сè уште го немаат откриено е потенцијалното учество на буковецот во ваквите прехранбени експерименти. Ананас со буковец, ениуан?