„Југославија е мртва!“ е повик кој хорски одекнува од устите на сите наши етно-националисти и државотворци последните неколку децении. Од друга страна, словенечкиот етнолог Божидар Језерник сликовито потсетува на латинската изрека „De mortuis nil nisi bonum“ (За мртвите сè најдобро) и поставува прашање: Ако Југославија е мртва, зошто на многумина и денес им пречи? Хмм.
На македонскиот премиер, меѓутоа, не му е спорна анексијата на Вардарска Македонија изведена од страна на тогашното кралство Бугарија (а под патронат на нацистичка Германија), која не беше само „некоја администрација... на почетокот“ туку класична узурпација и окупација на територија на една соседна земја, која траеше сè до септември 1944 година.
На Заев, се разбира, спорна му е Југославија (?!) чиј АВНОЈ во ноември 1943 година донесува заклучок дека Македонците се самостоен и суверен народ, а Македонија рамноправна република во рамките на новата Југославија.
Истата таа Југославија, по завршување на Втората светска војна, ја услови нормализацијата на односите со Бугарија со:
1) признавање на македонската национална посебност од страна на НР Бугарија.
2) пренесување на земните остатоци на Гоце Делчев од Софија во Скопје, чиј церемонијален пренос е изведен во октомври 1946 година.
Бугарија на крајот призна постоење на македонска народност и овозможи учење на македонскиот јазик во Пиринска Македонија (југозападна Бугарија) па истата година, на тамошниот попис на населението, преку 150.000 луѓе се изјаснуваат како национални Македонци.
Летото 1947 година, на Блед ќе дојде до потпишување на повеќе билатерални договори (во историографијата познато како Бледски договори) во рамките на кои е предвидено формирање царинска унија меѓу Југославија и Бугарија. По тој повод, Југославија официјално објавува дека се откажува од 25 милиони долари кои Бугарија требаше да ѝ ги исплати како воена отштета. Меѓутоа, Југославија инсистира на Македонците во Бугарија да им се обезбеди право на национална, економска и културна автономија, со конечнa цел Пиринска Македонија во иднина да се приклучи на новата македонска република.
Сепак, по ескалацијата на дипломатскиот судир меѓу СФРЈ и СССР и објавување на Резолуцијата на Информбирото (1948), официјална Бугарија го отфрла концептот на македонска автономија и забранува употреба на македонскиот јазик во училиштата во Пиринска Македонија. Од тоа време почнува процесот на негирање и ништење на македонската национална посебност за веќе од 1958 година, Бугарската комунистичка партија да заземе став дека македонскиот народ и македонскиот јазик - не постојат.
Во меѓувреме, во рамките на Југославија, Македонија по првпат во историјата воспоставува органи на модерна државна власт. Основан е Македонскиот народен театар (1945), универзитети во Скопје (1949) и Битола (1979), формирана е Македонската академија на науките и уметностите (1967), a македонскиот народ со уставот на СФРЈ од 1974. добива конституционално право на самоопределување што во финишот ќе се искористи во септември 1991. после што Македонија станува независна држава.
Се испостави дека Македонците единствено можеа да бидат Македонци... и Македонија (без никакви додавки) да биде вистинска Македонија.... само во крилото на онаа сирота мртва кралица. Затоа е нужно, на крајот да се парафразира насловот на оваа колумна: ова беа само неколку факти за Македонците и нивната Југославија.
Никола Зечевиќ, црногорски политиколог, за Вијести