Трамп вложил милиони во Dell пред да му истури пари од Пентагон

Доналд Трамп во декември добил донација од основачот на Dell. Во следните три месеци претседателот вложувал милиони долари во компанијата и отворено ја фалеше. Сега го жнее ќарот. Акциите на Dell скокнаа 255% во првиот квартал и уште 32% во еден ден откако компанијата склучи договор со Пентагон од 9,7 милијарди долари.

По затворањето на берзите во четвртокот, Dell објави дека приходите во првиот квартал достигнале 43,8 милијарди долари, значително над предвидувањата од 35,7 милијарди долари.

Приходите од серверите оптимизирани со вештачка интелигенција достигнале 16,1 милијарди долари во кварталот, што е зголемување од 757% во однос на претходната година.

На ова се надоврза договорот од 9,7 милијарди долари што Dell на 27 мај го склучи со Пентагон за консолидирање на софтверските лиценци на Микрософт за војската, разузнавачката заедница и крајбрежната стража. Само во петокот, акциите на Dell скокнаа за уште 32%, најмногу во историјата на компанијата.

Добрите резултати ги изненадија и најискусните аналитичари. Ерик Вудринг од „Морган Стенли“ го нарече успехот на Dell „еден од најимпресивните квартали што сме ги виделе откако се занимаваме со хардвер“.

Ова не било изненадување за Трамп. Извештај на федералната Канцеларија за етика покажува дека претседателот во првиот квартал купил акции на Dell во вредност до 5,1 милион долари. Во февруари купил акции од 1 до 5 милиони долари, а потоа продолжил да купува во помали износи.

Во истиот период Трамп два пари јавно ги повика Американците: „Купувајте Dell!“. Од првиот повик, на 19 февруари во Џорџија, вредноста на акциите на компанијата се зголемил за 255%.

На 8 мај, по повикот „Излезете и купете компјутер од Dell. Одлични се“ на настан во Белата куќа по повод Денот на мајките, акциите на Дел добиле на вредност од 14%.

Трамп, всушност, почнал да купува акции на Дел пред да ги повика Американците. Канцеларијата за владина етика објави два обрасци за личните финансиски активности на Трамп од јануари заклучно со март. Документите на повеќе од 100 страници наведуваат повеќе од 3.700 индивидуални трансакции со акции, вклучувајќи повеќе од 30 купувања од 1 милион долари или повеќе. Вкупната вредност е во широк опсег помеѓу 220 и 750 милиони долари.

Освен во Дел, Трамп вложувал и во Палантир, Нвидија, Микрон и Интел - компании што подоцна јавно ги фалеше или добиваа договори со федералните агенции. Најмалку десет пати купил акции во Палантир, а потоа го фалел на својата социјална мрежа, а акциите во Нвидија ги купил непосредно пред неговата администрација да одобри продажби на одредени чипови во Кина.

Белата куќа и Организацијата Трамп тврдат дека претседателот не ги насочува тргувањата и дека тие се одвиваат преку „автоматизирани инвестициски процеси“. Синот Ерик Трамп вели дека средствата на семејството се во „слепа доверба“ и ги отфрли сугестиите дека поединечни акции се купуваат или продаваат „по дискреционо право на кој било член на семејството Трамп“.

Документите не наведуваат кој ги извршил тргувањата. Не се поднесени обвиненија и не е докажано никакво тргување со инсајдери.

Скокот на акциите на Dell го кренаа неговиот основач Мајкл Дел на шестото место на списокот најбогати луѓе во светот, престигнувајќи го Марк Закерберг од Мета.

Медиуми забележуваат дека Мајкл и Сузан Дел во декември ветиле 6,25 милијарди долари во Сметките на Трамп - инвестициската програма за деца во рамките на Големиот убав закон. Ова е најголемата приватна обврска кон иницијативата на претседателот. 

1 јуни 2026 - 09:01