Наместо да протестираат, младите Германци емигрираат

Германските политичари и регионалните власти се плашат дека демонстрациите на големите градови закажани за Ноќта на вештерките би можеле да прераснат во улични насилства како оние во Франција. Но, тивкиот бунт на германската генерација З не се одвива на улиците. Младите едноставно ја напуштаат државата.

Разни левичарски сојузи повикаа на демонстрации во големите германски градови како повик од младите за „инвестиции во образование, социјална сигурност, здравство, заштита на климата и достапен живот“. Министерот за внатрешни работи на Бранденбург предупреди дека дека Ноќта на вештерките е намерно избрана како време за протести, бидејќи младите на улиците ќе бидат маскирани.

Но, според организаторите од платформата „Генерацијата З презема контрола“, на 23-те демонстрации се пријавиле само околу 150.000 луѓе. 

Во споредба со Франција или Италија, младите во Германија се, на некој начин, „разгалени“ од генерацијата на нивните родители. Во екстремни случаи, културата на протестирање во Германија повеќе се сведува на носење транспаренти и врзување за разни работи отколку на нивно палење. Уште позагрижувачки е тоа што, со оглед на мрачните социо-економски перспективи на хоризонтот, младите луѓе попрво би заминале во странство отколку да протестираат на улиците.

Според Сојузниот завод за статистика, по 2000 година земјата ја напуштиле околу 330.000 Германци на возраст меѓу 18 и 30 години. Според бруто бројките, секоја година Германија ја напуштаат над 80.000 луѓе од оваа возрасна група. Високи се бројките и за лицата на возраст од 30 до 41 година. Двете главни дестинации убедливо се Швајцарија и Австрија. Според Институтот за истражување на јавното мислење „Аленсбах“, најважните причини што ги навеле иселениците минатата година биле: „повеќе ми се допаѓаат други земји“ (51%) и „политиките на сојузната влада“ (49%). Било можно да се наведат повеќе одговори.

Според новите владини податоци, во 2025 година речиси 5.000 Германци емигрирале во Полска, што е поголема бројка од оние што заминале во Британија, Италија или Холандија.

Кевин Вернер, кој се преселил од Берлин во Варшава, изјави за весникот Ханделсблат дека во Полска постои „неверојатен оптимизам и чувство за нов почеток“. Како практични предности, ги наведе пониските даноци, помалата бирократија, напредната дигитализација и поповолното деловно опкружување.

Тука сè е малку поедноставно и попогодно за претприемништво, вели Вернер.

Одливот на мозоци е болен процес бидејќи иселениците се исклучително добро образовани. На пример, 75% од нив имаат универзитетска диплома, додека само една четвртина од возрасните во Германија се високообразовани.

На прв поглед, условите за живот на младите во Германија не изгледаат особено лоши: според „Еуростат“, невработеноста кај младите е релативно ниска и изнесува 7,2%. За споредба, во Франција 20,7% од лицата помлади од 25 години се регистрирани како невработени, а во Италија 18,9%. Франција и Италија се исто така посиромашни од Германија: БДП по жител во Германија е за 23% повисок отколку во Франција и за 40% повисок отколку во Италија. Поради тоа, овие две медитерански земји мораат да издвојуваат значително повеќе средства за своите системи на социјална заштита, па затоа се и позадолжени. 

Според студија на Универзитетот во Дуизбург-Есен, Германците кои живеат во странство, годишно заработуваат по околу 12.000 евра повеќе отколку што би заработувале во својата татковина. 

Економистот Видо Гајс-Тоне од Германскиот економски институт неодамна им препорача на политичарите да ја зајакнат или барем да ја одржат привлечноста на Германија како место за живот и работа за квалификуваните работници.

Ако дојде до значително иселување на висококвалификувани стручњаци, тоа не само што би го влошило постојниот недостиг на пазарот на трудот, туку и ќе ги ограничи иновативниот капацитет на економијата и нејзиниот долгорочен развоен потенцијал, предупредува Гајс-Тоне.

Ова може да се протолкува и како совет за иселување. Планот за многу матуранти би можел да биде: да ја искористат бесплатната школарина во Германија, а потоа да се преселат во уредена земја со ниски даноци, како Канада или Швајцарија, за да им овозможат на своите деца најдобри услови за живот.

Ако се има предвид дека младите од Генерацијата З ќе мора сами да си ги финансираат пензиите и дека наскоро може да им биде наметната воена обврска, емиграцијата изгледа како логична алтернатива. Според студијата „Младите во Германија 2026“, 41% од лицата на возраст меѓу 14 и 29 години помислиле да емигрираат, а 21% од нив дури имаат и конкретни планови за тоа.

28 октомври 2026 - 09:05