Моџтаба Хамнеи не се појавил во јавноста ни во живо ни преку видео-снимка уште од 28 февруари кога мошне веројатно бил ранет при израелско-американското бомбардирање во кое беше убиен неговиот татко, ајатолахот Али Хамнеи. Во изминатите неколку месеци реткост се и соопштенијата на новиот врховен лидер. Западни разузнавачки служби сметаат дека Моџтаба е жив, но неговата здравствена состојба е непозната.
Официјалниот став на Техеран е дека Моџтаба управува со земјата и покрај тоа што не се појавува во јавноста. Тоа се оправдува со стравувањето дека ако се појави, би му помогнал на Израел да изврши атентат. Сепак, неговото отсуство не се одразува со хаос и битки за превласт во политичкото раководство на Исламската Република, иако Иран е под жесток притисок од војната со САД и Израел и тоталната економска блокада.
Денес најважните одлуки ги носи мала група од шестмина мажи, во која верската компонента е намалена во корист на Револуционерната гарда, која е најмоќната воена структура во земјата. И се чини дека новата структура функционира дури и поефикасно од претходната.

За 37 години како Врховен водач, Али Хамнеи разви огромен политички, административен и бирократски апарат кој одговараше директно пред него. Канцеларијата на Врховниот водач беше паралелна структура на владата, со повеќе од 40.000 луѓе: советници, претставници во министерствата, вооружените сили, универзитетите и јавните институции; членови на надзорни тела; како и органи за врска со Револуционерната гарда, судството и безбедносните сили. Оваа структура ги одобруваше сите важни именувања во владата, судството, дури и во државната телевизија.
Поради војната, оваа структура повеќе не е неопходна, што придонесе командниот систем да стане поефикасен, пишува „Економист“ повикувајќи се на извори во иранската влада.
Претседателот Масуд Пезешкијан во интервју за американската телевизија CBS објасни дека главната улога сега ја има Врховниот совет за национална безбедност во кој „шест члена од различни организации водат дискусии и консултации за процесите на носење одлуки“.

Во Советот се генералот Ахмад Вахиди, командант на Револуционерната гарда и најмоќниот човек во земјата, како и тројца поранешни команданти - Мохсен Резаеи, Али Абдолахи и Мохамад Багер Галибаф, кој воедно е и претседавач на парламентот. Цивилниот сектор го претставуваат претседателот Пезешкијан и министерот за надворешни работи Абас Арагчи.
Официјално, шестемина се консултираат со ајатолахот Моџтаба Хамнеи, од кого добиваат насоки, а одлуките ги носат едногласно. Генералите имаат поголемо влијание врз војната со САД, а Пезешкијан се соочува со тешката задача да управува со иранската економија во услови на трговска блокада, пад на БДП од 10% и зголемена невработеност.
Иако директно не е вклучен во Врховниот совет, важна е и улогата на Хосеин Таеб, кој од август е командант на милицијата Басиџ. Оваа паравоена група со широка мрежа од 50.000 бази низ земјата е задолжена за задушување на демонстрации, надзор на професорите и студентите заради идентификување на потенцијални противници на режимот и за санкционирање на несоодветно однесување.
Изворите на Економист забележуваат дека откако почна војната, намалени се репресивните мерки против прекршувања на верските правила, како забраната за пиење алкохол или задолжителното носење превез.