Последниве недели се дозна дека Алок Шарма, претседател на претстојната COP26 климатска конференција во Глазгов, како и портпаролката на тој самит, Алегра Стратон, се горди возачи на дизел автомобили.
„Електричните коли мене уште не ми се фенси,“ проба да објасни Стратон, истата жена која во многу наврати драматично има порачано дека штетните емисии од автомобилите мораат да престанат „сега и веднаш“.
А во Британија постои една радикално зелена организација наречена Extinction Rebellion (XR), кои блокираат секаков сообраќај на улиците на Лондон за да ја доловат ургентноста на проблемот кој го создаваат автомобилите, барајќи државата да биде декарбонизирана веќе во 2025 година. Тие се и против нагла конверзија кон електрични автомобили проценувајќи дека климата ќе ни биде спржена од емиисите кои ќе се испуштат при евентуално масовно производство на еколошки поприфатливи возила.
Основачката на таа организација, Геил Бредбрук, исто така вози дизел машина. Силен подржувач на ИксАр е и Стивен Фрај кој живее во Лондон и Лос Анџелес и без некои големи еко-јадови, често авионски патува на таа релација.
Авионски патува и принцот Хари, проминентна фигура на тн движење за климатска правда според кој, климатските промени се најгорливото прашање со кое се соочуваме денес. Не само што лета, туку знае да лета и со приватен авион, кога морало така „заради безбедносни причини“. Според организацијата „Траснпорт и околината“, приватните џетови се 14 пати поштетни од комерцијалните летови.
Градоначалникот на Лондон пак, беше фатен како решава да го игнорира локалниот парк кај неговиот дом па со конвој од три возила, од кои еден Јагуар од 75.000 фунти, го има поминато речиси цел Лондон за да дојде до друг парк, само за таму да го прошета кучето.
Има тука и една поширока иронија. Не толку одамна, само пред 20 години, исто водени од научните аргументи на времето, дизелот се сметаше за почиста варијанта па британската влада даваше и субвенции за дизел -автомобили. Денес науката тврди дека дизелот е барем четири пати поштетен од бензинот.
Ви секој случај, добро нè возат.