Давајќи сопствен пример новинарката на Зидојче цајтунг објаснува како во супермаркет едно пакетче од 5 розови бричови за неколку употреби чини 85 центи, додека пакетчето со 10 сини бричеви е 1,45 евра. Или пена за бричење за жени е 89 центи за 150 милилитри, а за мажи 79 центи за 250 милилитри.
Продолжувајќи на темата влакна, новинарката оди во три берберници во Минхен, и бара да и направат машка фризура. Во сите три има повисока цена за жени, иако ќе ја шишаат исто како машко. Кај сите три објаснувањето е: "шишањето жени е покомплексно и одзема повеќе време."
Објаснувањето на професорот по економска психологија, Герд Мајер, е дека "розовиот данок" се должи на тоа што жените генерално се поподготвени да платат повисока цена, бидејќи даваат поголемо значење на квалитетот. За разлика од нив, мажите е поверојатно да бидат чувствителни кон цената.
Сличен заклучок има и директорот на Институтот за родови студии на Универзитетот во Келн, Дирк Шулц, според кого "жените треба да бидат поубавиот пол, што придонесува кон идејата дека жените трошат повеќе пари на својот изглед". Во исто време затоа што мажите се понови во индустријата за убавина, брендовите гледаат да ги освојат и со пониски цени.
Правилото е дека производителот ќе се обиде да наплати најмногу што мисли дека потрошувачите ќе платат, а не колку потрошиле на производство или суровина.
Во текстот, Елизабет Гампер потсетува на едно објаснување од француската филозофка Симон де Бовоар, според која "ако мажот е стандардот, а жената е 'различното', тогаш машите производи се сметаат за 'стандардна верзија'. Затоа пак женските производи се сметаат дека се поспецијални, луксузни верзии и последователно се поскапи". Примерот за ова што го дава Гампер се торбите за лаптоп, "црните чинат 39,99 евра; идентичната розова верзија е 44,95 евра".
"Што можат жените да направат за да се борат со такви нееднаквости? Како потрошувачки тие треба да бидат поинформирани, и спремни да се пожалат. Се додека нема свесност за нееднаквоста, ништо нема да се промени.
За почеток: врати ги розовите бричови назад на полица, и земи ги сините – подеднакво добро ќе ти завршат работа," пишува Гампер.