Полициските извештаи отсекогаш биле гилти плежр на закоравените љубители на секаквиот збор. Жанрот се негува уште од времето на социјалистичката милиција и тој покажува фасцинантна отпорност кон какви било реформи или транзиции. Македонските полицајци до денешен ден нежно го негуваат тој стил кој се одликува со забавни форми на хипер-реализам, индиректен говор и употреба на луди еуфемизми.
Така, според нашите цајкани, раните или повредите човек никога не ги добива во конкретен дел на своето тело или глава туку во - предели (пример: во пределот на главата, во пределот на бутната коска....).
Во нивниот свет никогаш ништо не се случува нешто директно. На пример, кога разбојник со шипка ќе скрши џам за да влезе во куќа, македонски полицаец педантно запишува "со употреба на цевка предизвикал оштетување на стаклото од прозорец по целата негова должина".
И речиси секој извештај завршува со фактот дека "сторителот побегнал во непознат правец", небаре се шокирани и разочарани од тој негов гест.
Наидовме на сајт со куп кратки и неодоливи извештаи и ви издвојуваме десетина пасоси со нобелово полнење:
Нобелова награда за математика, операција собирање:
На 26.12.2013 година во ПО „Матејче" било пријавено дека околу 01,50 часот, во с.Ваксинце, кумановско во угостителскиот објект „Аљби", непознато лице преку прозорецот од објектот испукал три куршуми надвор, а потоа излегол од објектот и испукал уште неколку куршуми во воздух. Извршен е увид на местото на настанот, каде се пронајден 17 испукани чаури.
Мускулот над подлактицата? Нели е тоа надлактица?
На 23.07.2014 година во Скопје на бул.„Климент Охридски"при вршење на службени работи од страна на полициски службеник е сопрено ПМВ „Форд Фокус" со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Д.(30) на кого му било извршено алкотестирање, при што било утврдено присуство на алкохол во крвта 1,64 промили. Кога полицискиот службеник почнал со изрекување на мерка „управување на возило во јавен сообраќај под дејство на алкохол", во тој момент сопатникот во возилото ја отворил вратата од службеното возило и почнал да го омаловажува истиот со погрдни и вулгарни зборови, по што бил усно предупреден да се врати во возилото, но истиот се обидел насилно да ја земе сообраќајната дозвола, за што уште еднаш бил усно предупреден за неговото однесување. Во тој момент истиот се затрчал кон полицискиот службеник и со еден удар го удрил во левата страна на градите и уште еден удар во десната рака на мускулот над подлактицата.
Еден совршено комплетиран случај! Што било пријавено а што најдено:
На 22.09.2014 година, во Скопје на ул. „22" во скопското село Сарај, В.В.Б. забележала дека од залутан проектил е оштетен багажникот од нејзиното патничко возило „фолксваген голф". Извршен е увид при што е пронајден проектил во вратата од багажниот простор.
Посебно чувство за битни детали (хинт: тврдо Родео):
Разбојништвото е извршено на тој начин што сторителот влегол во маркетот и побарал од Г.М. да му даде една кутија цигари „Родео тврдо" и и дал 100 денари. Во моментот кога таа ја отворила касата, сторителот се доближил до истата, извадил нож и ја фатил Г.М. за облеката и вратот. И покрај отпорот кој го дала, сторителот успеал да ги одземе парите, по што го напуштил маркетот и се оддалечил во непознат правец.
Нобелова награда за филмско раскажување "кадар по кадар"
Тешката кражба е извршена на тој начин што сторитело или сторителите стигнале до објектот на училиштето, насилно со употреба на тврд предмет го искршиле стаклото на еден од прозорците во приземниот дел, правејќи отвор по целата негова површина. Преку така направениот отвор, со пресегање на раката, сторителот ја дофатил рачката од механизмот за забравување, го отворил прозорецот и влегол внатре во училницата. Во училницата го пронашол металниот ормар каде стоеле преносните компјутери и насилно, со употреба на тврд предмет или алат, делувал на влезната врата од ормарот, правејќи оштетувања на крилото и рамката.
Во светот во кој е можно две возила да бидат управувани од четворица:
... на планината Огражден, над браната Иловчанка, шумскиот полицаец В.И.(1961) од с.Дабиле со уште двајца шумски полицајци, при вршење на службено дејствие, откривање на лица кои вршат безправна сеча на огревни дрва, запреле две запрежни возила натоварени со зелени дабови огревни дрва, управувани од четири лица од с.Иловица-Струмица.
Записник за една идеја:
СВР Битола поднесе кривична пријава против В.Ј.(38) од битолското село Егри, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „сквернавење на умрен". Од преземените мерки и разговорот со пријавениот е дознаено дека откако на 27.01.2013 година, во нивниот дом починала неговата мајка Даница Ј.(75 ), истиот во паника, дошол до идеа да ископа дупка во неговиот двор и во истата да ја закопа. По извесен период , поточно на 17.02.2013 година околу 14,40 часот во СВР Битола пријавил дека е исчезната неговата мајка, бидејќи помислил дека ќе ја бараат соселаните. Од страна на СВР Битола во рамките на активностите за пронаоѓање на Даница Ј. и за расчистување на случајот, по основ на сомнение на 20.02.2013 година пријавениот е задржан во просториите на СВР- Битола, а за случајот биле известени Истражен судија и Јавен обвинител , со кои е излезено на местото каде е закопана Даница Ј., по што по наредба на Истражниот судија е извршена ексхумација на телото, кое било предадено во Судска медицина за обдукција. Од извршената обдукција на телото , констатирано дека нема елементи на насилство, односно дека се работи за природна смрт.
Полови дејствија со здравата рака:
СВР-Скопје на поднесе кривична пријава против лицето З.П. (51) од Скопје вработен како лекар во една КПУ поради основано сомнение дека завчера (04.07.) околу 08.30 часот на ул. "Трифун Хаџијанев" поточно на влезот од книжарата „Аренал", додека оштетеното лице била на работа како продавач во гореспоменатата книжара, извршил кривично дело – "задоволување на полови страсти пред друг". Имено пријавениот дошол пред влезот од книжарата, и во еден момент се завртел кон оштетената и со едната рака (другата му била во лонгета) почнал полови дејствија пред оштетената.
Има уште катаљарда слични бравурии. Сајтот ви е овде а статијава ја отвораме за коментари, за кога ќе најдете некоја нова возбудливост, да можете да "пристапите кон споделување на истата со останатите учесници".