„Заплетот е секогаш ист. Нашите дипломати возвишено ќе зборуваат за самоопределувањето, граѓанските слободи и демократијата. Па локалното население ќе направи нешто блесаво, како на пример обид за национализирање на сопствените резерви на нафта или бакар, или пак ќе гласаат за националисти или социјалисти, по што ЦИА „ќе биде принудена“ да интервенира и да постави одговорен лидер како што беше иранскиот Шах, Пиноче или Сухарто. Ако новиот лидер пријателски настроен кон САД опстане, тој или таа со текот на времето станува сè позависен од оружјето, „советниците за безбедност“, Светската банка/ММФ заеми... Ова резултира со сè поголем домашен гнев, сè додека, досега веќе омразената личност сојузник на САД, не биде срушена од националистичко/комунистичко/фундаменталистичко движење кое е 1.000 пати понепријателско кон САД од било што кое постоело претходно. Видете: Иран, Ирак, Авганистан, почекајте и за Русија ако сакате....“ пишува Таиби.
Бостонскиот професор Линдзи О'Рурк во Вашингтон пост во 2016 објави дека во периодот 1947- 1989 година, САД дури 72 пати срушиле или пробале да срушат странски влади. Импозантна збирка катастрофи.
„Ние не знаеме ни прописно да убиеме некого,“ саркастичен е Таиби потсетувајќи на бескрајните обиди да се убие Кастро или барем да му падне брадата (Види: „Фидел Кастро: Ок, толку од мене“). ЦИА дури има и потрошено милион долари во неуспешен обид да сними порно филм со актер кој ќе биде облечен во униформата на генерал Сукарно.
О'Рурк заклучува дека „после соборувањето на владата на една држава, таа станува помалку демократска и со поголема веројатност за граѓанска војна, домашна нестабилност и масовни убиства“. Институтот Като доаѓа до истиот заклучок, истакнувајќи дека напорите за промена на режимот „веројатно ќе предизвикаат граѓански војни, ќе доведат до пониски нивоа на демократија, ќе ја зголемат репресијата и на крајот ќе го заклучат странскиот фактор во долгорочни проекти за градење нација. ”
„Промена на режимот“ е теорија за превентивно освојување и се заснова на истата лудачка логика што го натера Путин да ја нападне Украина.
Американската верзија тврди дека сите закани може да се елиминираат со покривање на целата планета со либерални демократии во американски стил. Без ронка шега, колумнистот на Њујорк Тајмс, Томас Фридман, уште во 1996 година напиша дека „Не постојат две земји кои обете имаат Мекдоналдс а да воделе војна една против друга“. Претходно демек знак за имање „вистинска држава“ било да се има фабрика за алуминиум и седиште во ОН, сега Мекдоналдс бил вистинскиот индикатор.
„Кога една земја ќе достигне одредено ниво на економски развој, кога има средна класа доволно голема за да поддржи Мекдоналдс, таа станува земја на Мекдоналдс, а луѓето во земјите на Мекдоналдс не сакаат да водат војни; сакаат да чекаат ред за хамбургери“.
Војната меѓу Русија и Украина комплетно му ја засра тезата на Фридман, ама па беше забавна додека траеше.
Како кај нас, кога дресираните пудлици тврдеа дека Папата е кокиче за ЕУ:
Она што, меѓутоа, воопшто не е забавно е тоа што Бајден навистина флертува со идејата за „промена на режимот“ и во Русија.
„Колку примери за „промена на режимот“ треба да ни експлодираат во фаца пред да сфатиме дека е тоа катастрофална политика? Стварно сакаме да го пробаме тоа со непријател кој има нуклеарки?“ прашува Таиби.
„Побогу, тој човек не смее да остане на Власт!“, кажа Бајден на една средба со новинарите, за подоцна да добие „помош од пријател“ преку Асошиетед прес кои „објаснија“ дека се работело за морален гнев и „аспирации а не за цели на американската политика“
Кога Бајден повторно стана искрен па кажа дека не мисли да се извинува за своите забелешки, доскокна друг новинар обидувајќи се да го доведе на безбеден терен:
Q: Тоа се ваши лични чувства, господине? Ваши лични чувства?
А: Лични. Мои лични чувства.
Не ќе да е баш така. Бајден во меѓувреме зборуваше дека „ова ќе потрае“, дека треба „да ја зголемиме болката“ за рускиот народ да знае во што Путин ги вовлекол и дека „на тоа треба да ги потсетуваме не овој или следниот месец туку цела година ако треба.“
За таквите цели уште поотворено се зборува во Британија.
„Мерките кои ние и други ги промовираме имаат за цел да го срушат режимот на Путин“, ќе каже Борис Џонсон на први март.
Британскиот министер за војска дополнително ќе затруби:
„Неговиот пораз мора да биде комплетен... Русите ќе сфатат колку му е гајле за нив. Кога тоа ќе им го покажеме, деновите на Путин како претседател се избројани... Ќе ја изгуби власта и Путин не ќе биде оној што ќе го одредува наследникот.“
Кога Бајден вели дека ова „ќе потрае“ а притисокот треба да се мери во години, тоа е период во кој секојдневно ќе се трупаат нови украински жртви.
Зеленски може да повторува „ние сме за мир, без одложување“ и да навестува дека ја прифаќа идната украинска „неутралност“, но Америка досега е воздржана околу постигнувањето договор, за да не изгледа тоа како награда за агресијата на Путин.
„Дали е тоа нешто кое е до нас или пак е до Украинците кои ги поднесуваат жртвите?“, прашува Таиби.
Како што забележува Бранко Марцетиќ од Јакобин, Американците преку Блинкен отидоа дотаму што решија да фрлат ладна вода на позитивните сигнали кои доаѓаа од руско-украинските преговори. Тој не видел „конструктивен“ прогрес и секоја индиција дека Москва можеби е подготвена да отстапи може да е „измама и намера да се дефокусира вниманието“.
Заради таа „политичка депеша“мораше да исчезне и еден наслов на Њујорк Тајмс.
Прво беше вака:
За само неколку часа да биде вака:
„Како што беше случај и со Садам Хусеин, овде поентата не е дали да се остави монструм како Путин на власт. Се работи за тоа да не се покани нешто полошо да го заземе неговото место - Ајатолах, Исламска држава, опремени талибанци - со помош на нашата непогрешлива ароганција и неспособност. Дали навистина ќе го правиме ова пак? Колку пати е доволно?“, вели Таиби на Сабстак.