1. Кога ќе седнеш да пишуваш, постои само една важна личност во твојот живот. Toa е некој кого никогаш нема да го сретнеш, а се вика читател.
2. Не пишуваш за да го воодушевиш научникот кого тукушто го интервјуира, ниту професорот кој ти помогна да завршиш факултет, ниту уредникот кој неразумно те одби, ниту човекот со кого неодамна се запозна на забава и му кажа дека пишуваш. Па дури ни за да ја воодушевиш мајка ти. Пишуваш за човекот кој виси на столче во автобус помеѓу Влае и Маџари кој, ако му се даде шанса, за петтина од секунда ќе престане да те чита.
3. Значи, првата реченица што ќе ја напишеш е најважната реченица во твојот живот. Исто така и втората, и третата. Затоа што иако ти - работник, апостол или апологет - можеби чувствуваш обврска да пишуваш, но никој не е обврзан да те чита.
4. Новинарството е важно. Но никако не смее да биде самодоволно. Ништо не го тера читателот да кидне кон крстозборот или спортските резултати побрзо од помпезноста. Затоа, едноставните зборови, јасните идеи и кратките реченици се витални за секое раскажување. Исто како и богохулењето.
5. Еве нешто што треба да го закачиш над тастатурата: "Никој нема да се пожали затоа што си напишал нешто премногу разбирливо."
6. Еве уште една работа на која треба да се присетиш, секогаш кога ќе седнеш да пишуваш: "Никој не мора да го чита ова срање."
7. Ако се двоумиш, замисли дека читателот не знае ништо. Но никогаш не прави грешка претпоставувајќи дека читателот е глуп. Класичната грешка во новинарството е да го прецениш она што читателот го знае и да ја потцениш неговата интелигенција.
8. Животот е комплициран, новинарството не смее да биде такво. Токму заради тоа што темите како медицина, политика и сметководство се комплицирани, луѓето се обраќаат кај Гардијан или БиБиСи, очекувајќи овие да им ги поедностават работите.
9. Значи ако темата е заплеткана како порција шпагети, однесувај се со твојата сторија како со една шпагета, внимателно извлечена од купот. Идеално би било ако маслото, лукот и сосот од домати останат залепени за неа. Читателот ќе биде благодарен затоа што добил едноставен дел а не комплицирана целина. Ова се случува бидејќи, а) читателот знае дека животот е комплициран, но е благодарен кога ќе му биде објаснет еден дел од него и б) затоа што никој никогаш не чита стории кои почнуваат со "она што следува е необјасниво комплицирано“..."
10. Сторијата треба да кажува само едно големо нешто. Ако (на пример, кога се чувствувате многу храбри) треба да се справите со 4 нишки на приказната, претворете го нивниот заплет во едно големо нешто кое сакате да го кажете. Можете да извртувате делови од вашата сторија, но само ако не ја напуштите таа една линеарна нарација која ја имате одбрано.
11. Не почнувај да пишуваш сè додека не одлучиш што ќе биде тоа едно големо нешто, а потоа кажи си го во само една реченица. Потоа прашај се дали мајка ти може да ја слуша реченицата подолго од една микросекунда пред да му се врати на пеглањето. Кога ќе се обидеш да му ја "продадеш" приказната на уредникот, ќе наидеш на истото ниво на внимание, па внимавај на оваа реченица. Често - не секогаш, но често - тоа и онака е првата реченица од твојот прилог.
12. Секогаш постои идеална прва реченица - вовед, влез - за секоја статија. Навистина помага да ја смислиш пред да почнеш со пишување, затоа што ќе откриеш дека следните реченици ќе се пишуваат сами од себе и многу брзо. Ова не е доказ дека си слаткоречив, едноставен, површен или елегантен. Па дури ни надарен. Ова значи дека си ја погодил првата реченица.
13. Зборовите како “слаткоречив”, “едноставен”, “површен” и “елегантен” не се навреда за новинарот. Целата поента на плаќањето за весник е во тоа информациите внатре да лизгаат лесно и брзо, без фусноти, нејасни референци и фусноти на фуснотите.
14. Зборовите како "сензационално" и "тривијално" не се навреда за новинарот. Го читаш она што го читаш - руски романи, француски стрипови, американски трилери - затоа што нешто во нив го поттикнува твоето чувство за возбуда, хумор, романса или иронија. Доброто новинарство треба да ти даде сензација на хумор и возбуда, да те допре и да биде пикантно. "Тривијално" е омилената навреда која ја користат мудрите глави. Но дури и тие се заинтересирале за нивните теми затоа што биле привлечени од нешто блескаво и дречливо, и да - тривијално.
15. Зборовите имаат значења. Почитувај ги. Настапи радикално и побарај ги во речникот, види кај биле сето ова време. Потоа искористи ги соодветно. Не се перчи со тоа што ќе го обелодениш своето незнаење. Не користи изрази за кои немаш поим што значат.
16. Според класичните новински правила, од клишеата треба да се бега како од чума. Освен ако се работи за вистинското клише. Може да се изненадиш колку тоа може да биде корисно, доколку мудро го искористиш. Причината за тоа е што во новинарството не мораш да бидеш најпаметен колку што треба да бидеш најбрз.
17. Метафорите се супер. Само не бирај откачени метафори и не ги мешај. Гардијан имаше специјална награда - "Замолчена пирана," еден вид Оскар за неспособност, која му ја доделија на репортер за индустриски односи, кој го предупреди светот дека дивите мачки од Конгресот на трговскиот синдикат демнат од грмушките, и доколку не бидат замолчени се подготвени да нападнат како пирани. Џорџ Орвел известуваше за пратеник кој тврдел дека жестокиот октопод - фашист ја запеал лебедовата песна.
18. Чувај се од сленгот. Кога Мојсеј го предупредил фараонот дека треба да ги ослободи неговите луѓе не му рекол "дај ни да дишеме бе брат“, а фараонот не му одговори во стил - “Друже, нема шанси!" Кафанскиот јазик има свој ритам, говор на телото, инструменти за сигнализација. Пишаниот јазик нема акцент, помошен знак за иронија, хумор или самопотсмев. Тој мора да биде директен, чист и јасен. А за да биде таков, тој мора да ја следи граматиката.
19. Чувај се од апсурдни и долги зборови. Чувај се од жаргон. Ако пишуваш за наука ова е двојно поважно. Ако пишуваш за оваа област повремено ќе треба да употребуваш зборови кои не ги користи ниту еден обичен човек, како фенотип, митохондрии, „инфлација“ на космосот, Гаусова распределба и изостазија. Навистина не сакаш да „еманираш радост“. Можеш да се обидеш да бидеш само среќен.
20. Не користи латински. Не „екстерминираш“, туку убиваш. Не лачиш плунка, туку се лигавиш. Мојсеј на фараонот не му рече "Последиците од не пуштањето на конкретен субјект на една етничка група може ултимативно да резултира со алгална манифестација во главниот речен басен, со непредвидливи последици по флората и фауната, не исклучувајќи ги потрошувачките услуги“. Тој рече - "Реката ќе се претвори во крв. Рибите ќе пцовисаат во реката и реката ќе засмрди."
21. Запомни дека луѓето ќе реагираат на нешто што им е блиско. Загрижените граѓани на јужен Лондон треба повеќе да се секираат за економските реформи во Суринам отколку за саботниот меч на Милвол, но повеќето не го прават тоа. Прифати го тоа, на 24-ти ноември 1963-та, Хал Дејли Меил ме испрати да го проверам гледиштето на жителите на Хал на атентатот на претседателот Кенеди. Откако еднаш срочив реченица со "Жителите на Хал денес тажат...", можев да продолжам со известувањето за тоа што се случи во Далас.
22. Читај. Читај многу и читај различни работи. Читај ја Библијата, читај го Дикенс, поемите на Перси Биш Шели, и Марвел стрипови, трилерите на Честер Хајмс и Дашиел Хамет. Погледни какви неверојатни нешта можеш да направиш со зборови. Забележи како на волшебен начин можат да сместат цели светови во простор од половина страница.
23. Не употребувај дефинитивни квалификации. Последниот коњ на трката во Сури нема да биде последен на трката во Годалминг. Речиси секогаш ќе има некој кој ќе излезе поголем, побрз, поран, побогат или погаден од кандидатот кој тукушто го награди со суперлатив. Ако не, барем квалификувај го: "според Гинисовата книга на рекорди," "листата на богати на Сандеј тајмс" итн.
24. Постојат работи кои добриот вкус и законот нема да ти дозволат да ги кажеш во печатот. Моите моментални фаворити се "Убиецот е ослободен" и (во извештај од религиозна велигденска претстава) "Пол Маерс, кој го толкуваше Исус беше ѕвезда на шоуто." Обидувај се и сфати дали во твојот текст има нешто проблематично за добриот вкус, и што од тоа ќе те чини околу половина милион по збор.
25. Пишувачите имаат одговорности, не само пред законот. Цели кон вистината. Ако тоа е нејасно, а често е, во најмала рака пробај да бидеш фер, свесен дека секогаш има друга страна од приказната. Чувај се од тврдењата за објективност. Ова е најризично. Може да известиш дека Кралското друштво вели дека генетските модификации се добри и дека осиромашениот ураниум во основа не е штетен. Но треба да запомниш дека луѓето кои ги измислија генетските модификации беа веднаш примени во Кралското друштво заради нивната вештина, од луѓе кои веќе се таму затоа што знаат како да збогатат ураниумови шипки а да го осиромашат остатокот. Па да ја парафразирам госпоѓицата Менди Рајс Дејвис - "Тие би го кажале тоа, нели?"