Во интеракција со луѓе некои работи земаме здраво за готово: дека светот отприлика го гледаме на ист начин, слични човечки теми ни се мотаат по глава и имаме приближно иста претстава за тоа што е добро а што лошо.
Но, за еден мал сегмент на популацијата, работите изгледаат сосема поинаку. На тие луѓе хронично им недостасува потреба од каење, чувство за емпатија а со емоции не се оптоварени, до толку што некогаш им е сеедно дали сте живи или мртви.
Во најголем број случаи, таквите луѓе завршуваат како убијци и озлогласени 'чудовишта'. Но, не мора да е така.
"И после 40 години поминати со нив, одново ме фрапира фактот дека постојат луѓе кои се толку емоционално исклучени, што можат да уништуваат луѓе како да се предмети," вели професорот Роберт Харе, крими психолог кој е автор на тестот за психолошка проценка на осомничени психопати.
Тој вели дека психопатите сосема поинаку го гледаат светот.
"Тоа ви е како далтонист на когo не можете да му објасните што е црвена боја. Само што во нивниот случај, "црвената боја" се чувствата на луѓето."
Инаку, општите карактеристики на еден психопат изгледаат како да опишувате просечен твитерџија: чувство на виша вредност, верба дека поседува исклучителен шарм, импулсивност, склоност да му е досадно, паразитски живот, промискуитетен живот (добро, последново не).
Сè е во мерката. На тоа се заснова и тестот на Харе кој кумулативно утврдува присуство на патогени склоности.
"Има луѓе кои се некаде на половина скалило, доволно високо за нам психолозите да ни засвети црвено светло но не доволно високо за да прават проблеми," вели Харе.
Таквите луѓе можат да ни бидат пријатели и често се забавни за дружење. Одвреме-навреме знаат да нè злоупотребат но и да се извадат со муабет.
Згора на сè, дел од карактеристиките на психопатите можат да бидат и корисни, особено во поглед на кариерата.
Постои едно истражување на докажани професионалци од рани професии и компании при што било утврдено дека 4 проценти од нив на тестот би биле класифицирани како психопати. Лесно е да се сфати како недостатокот на морални скрупули и рамнодушноста кон проблемите на другите можат да значат напредување во бизниснот. Таквите притоа најчесто се горди на себе зашто се порационални од другите.
Клучна човека особина на оваа тема е емпатијата. А постојат два вида емпатија: когнитивна, кога човек знае или може да препознае што чувствува другиот; и емотивна, кога човек го чувствува она што го чувствува другиот. Аутисти и психопати се на два различни краја.
Луѓето со аутизам имаат емотивна емпатија, знаат да сочувствуваат со другите но тешко ги читаат знаците и симптомите кај другиот.
Психопатите се точно обратни. Комплетно им е јасно како се чувствува некој човек. Само што не им е гајле за тоа.
Во тоа е и клучот на нивната способност да ги прелажат луѓето.