Новите генерации го предводат процесот на реисламизација на Франција, тврдат авторите на новата анкета, со која биле опфатени 1.005 луѓе во периодот од 8 август до 2 септември.
Анкетата на ИФОП направена за списанието Ecran de veille покажува дека на 57% муслимани на возраст помеѓу 15 и 24 години поважно им е да се придржуваат до шеријатските прописи, отколку до законите на Републиката, а тие се судираат, особено за бракот, наследството или за ритуалното колење животни.

Пред три децении шеријатот бил приоритетен за 36% од младите муслимани во земјата. Спротивно на законите на Републиката, шеријатот дозволува телесно казнување за кривични дела, строги ограничувања на слободата на изразување, заштита на сексуалноста и нееднакво наследство за жените.
Потребата од радикализам се изразува преку посилна религиозна строгост, која не е ограничена само на верата, туку и на желбата општеството да се управува според исламските прописи, вели авторот на истражувањето, историчарот Франсоа Краус.
Тој предупредува дека овој тренд води кон насилен родов сепаратизам. Како пример тој истакна дека 45% од младите муслимани го одбиваат бакнежот во образ, кој е вообичаен поздрав во Франција.

Анкетата покажа драматично зголемување на посетите на џамиите, од 7% во 1989 година на 40% денес. Придржувањето на строгиот пост за време на Рамазан скокнал од 51 на 83%, а тројно повеќе млади жени денес носат превез во јавност. Консумирањето алкохол меѓу младите муслимани се намалил од 30% во 2011 година на само 12%. Исламистичката идеологија е прифатлива за повеќе од една третина од младите муслимани, двојно повеќе отколку во 1998 година.
Франција има најголема муслиманска заедница во Европа, која сочинува околу 7% од населението. Пред 40 години 1% од жителите на Франција биле муслимани.

Во мај на претседателот Емануел Макрон му бил претставен доверлив извештај во кој се предупредува дека исламистички мрежи, особено оние поврзани со Муслиманско братство, се инфилтрираат во училишта, здруженија и локални институции со цел да поттикнат промени во општеството од основата кон врвот. Макрон во јули најави финансиски санкции и засилен надзор заради поефикасна борба против исламизацијата.
Шемс-Един Мохамед Хафиз, имам на Големата џамија во Париз, смета дека резултатите од анкетата го одразуваат гневот на младите француски муслимани. Тој посочи дека две третини од нив се жалат дека биле жртви на расизам.