Украинските власти го отфрлаат планот на Трамп, оценувајќи го како огромна отстапка за Русија и како капитулација. Белата куќа сепак смета дека е во интерес на Украина да го прифати овој договор сега, бидејќи ако ја продолжи војната мошне веројатно ќе ја изгуби оваа територија. Претседателот Трамп не го коментирал планот, но откри дека неодамна му рекол на Владимир Путин: „Дозволете ми да ја решам вашата проклета војна!“.
Планот од 28 точки предвидува Русија да добие целосна де факто контрола врз Луханск и Доњецк (Донбас), и покрај тоа што украинските сили сè уште контролираат околу 14,5% од териториите на овие провинции што прогласија независност и припојување кон Руската Федерација.
И руските сили би се повлекле од Донбас, кој во целост би бил „демилитаризирана зона“. САД ќе ги признаат Крим и Донбас како руски територии и ќе ја повикаат меѓународната заедница да го сторат тоа. Киев нема да мора веднаш да го признае отцепувањето.
Донбас е богат со минерали. Во замена за користење на територијата, од Москва ќе се бара да плати надомест, како компензација на финансиските загуби што ги трпи Украина со губењето на пристапот до „нејзините“ земјишта. Со давањето територија под закуп би се избегнала уставната обврска да се спроведе референдум за отстапување територија.

Во другите два сепаратистички региони - Херсон и Запорожје, би се задржала сегашната линија на раздвојување. Предмет на преговори ќе бидат ситни територијални отстапки од Русија.
Украина би морала да ги намали оружените сили и да го отстапи долгострелното оружје што сега го има, и ќе треба да преговара со САД за безбедносни гаранции, кои според Вашингтон би биле доволно моќни за да одвратат евентуална нова руска инвазија.
Исто така, би се спречило распоредување странски трупи во Украина, би се прекинала актуелната воена помош на САД и би се спречило слетување на странски дипломатски авиони во земјата. Рускиот би станал официјален државен јазик, а Руската православна црква би добила официјален статус на окупираните територии.

Основата на овој план специјалниот американски претставник Стив Виткоф му ја претставил на рускиот колега Кирил Дмитриев на состанок во Мајами при крајот на октомври. Виткоф пред една недела само усмено го информирал советникот на претседателот Зеленски за национална безбедност – Рустем Умеров, но не му предал пишан документ.
Планот бил Виткоф да дојде во Анкара за да се придружи на разговорите на Зеленски со шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, но ја откажал посетата откако добил сигнал дека украинскиот претседател одбива да разговара за американскиот план и подготвува алтернативен, во соработка со европските партнери. САД сметаат дека Русија никогаш нема да ги прифати одредбите што ги скроиле Украина и Европа и затоа нема потреба да се разговара за тоа.
Белата куќа му порачала на Зеленски дека мора да се согласи со условите и смета дека тој нема да има избор, особено откако беше разнишан од корупцискиот скандал во кој се вмешани негови најблиски соработници.
Сега ќе чекаме. Топката е во дворот на Зеленски. Тој кога сака може да дојде во Вашингтон за да разговара за новиот план, изјавил за Фајненшл тајмс американскиот функционер преку кој протекоа деталите за планот.