Иако сопатникот никако не може да знае дали овој пат во брзата помош стварно има пациент, и дали целата работа е урбана легенда, Мајкл Ајдов забележува дека "во моментот кога живееш во општество во кое некој може да помисли дека брза помош се користи како убер Убер, ти живееш во општество во кое брзата помош повеќе нема предност."
"Човек замислува дека животот во автократски режим е доминиран од страв и репресија: вооружени луѓе на улиците, комплетно следење, постојано извикување слогани и шепотење тајни. Ова веројатно е верзијата што во последно време е прифатена во кошмарите на американските либерали испаничени од штетата што потенцијален автократ може да ја направи на едно отворено општество.
Меѓутоа жителите на хибриден режим како рускиот - автократски кој одржува фасада на демократија - знаат дека оваа орвеловска замисла е непотребно романтична. Како што наскоро сфатив, животот на Русите е многу помалку обележан од страв отколку од цинизам: сеприсутната идеја дека на ниту една институција не може да и се верува, бидејќи ниту една институција не е над алчноста на човекот што ја раководи.
Овој цинизам надополнет со бескрајни теории на заговор околу сè, во својата срж е дефанзивен (тешко е да се разочараш ако го очекуваш најлошото). Меѓутоа тоа доведува до дефетизам. И интересно, колку се движиш повисоко во хиерархијата, толку повеќе го среќаваш," пишува Ајдов во текстот за Њујорк магазин.
Ајдов е роден во СССР меѓутоа целиот живот го минува во Њујорк, за во 2011 да се врати во Москва како уредник на рускиот ЏиКју. Во тоа време "по години политичка кататонија", луѓето за прв пат излегуваат на улица по наместените парламентарни избори. Прогресијата на бројките од протестите е неверојатна, од 7.000 на 5-ти декември, на 10-ти оваа бројка расте на 50.000, за на 24-ти да стигне до 100.000. 2011 е година на Тахрир и Окупирај движењата, а Ајдов забележува дека лидерите на протестите во Москва за прв пат не се од политичката елита. Како што знаеме, протестите издишуваат, и во 2013 работите се враќаат во "нормала".
Моделот на демонстрант кој го сочинува најголемиот дел од толпата e " дел од растечката глобална либерална класа: космополит, зборува англиски и го обожува Њујорк на ист начин како што Њујорчани своевремено го обожуваа Париз, а сега Берлин."
"Човек од надвор ги замислува овие слободни духови како живеат во една постојана борба со режимот, посебно откако тој почна да прифаќа некои од најназадните позиции на руското општество: доминација на црквата, хомофобија и анти-американизам. Меѓутоа тоа никогаш не се случи.
Наместо тоа, генијално, одредена структура во режимот дозволи московските елити да изградат за себе си модел на идеализираното западно општество врз московскиот крш - нешто што еден мој пријател го нарече 'Копенхаген сред Карачи.' Овој модел е она што го гледаш секој пат кога некој западен медиум ќе излуди околу урбанистичките чуда на реновираниот Горки парк, или ќе пишува за најновата генерација руски трендсетерки, или ќе ја величи последната ренесанса на московските ресторани," го опишува Ајдов московскиот балон.
Без разлика колку е пријатна ова илузија, таа се распаѓа во прв момент кога на некој од нив ќе им затреба нешто од државата или кога ќе имаат каква било средба со неа (посебно кога е во форма на полиција). Како што објаснува Ајдов, кога ќе дојде до контакт "одеднаш се чувствуваш како да ја голташ црвената пилула и се будиш вон матриксот... Кога ќе треба да решиш некој проблем што ја вклучува државата, го користиш истиот систем што Путин го користи врз целата земја: бараш помош од пријател или пријатели".
"Веројатно затоа толку Московјани околу мене поставуваат што е можно повеќе посредници меѓу нив и државата, ефективно приватизирајќи ги обврските на владата, ама само за сопствен бенефит. Медиумските менаџери основаат приватни клиники; фрустрираните студенти, на кои официјалното образование им е одвратно, организираат приватни студентски кружоци, онлајн курсеви, или образовни стартапи...
... Почнав да сфаќам дека толку многу Руси кои себе се нарекуваат 'либерали' всушност се анархо-либертаријанци според западните сфаќања, кои не ѝ веруваат на Владата да заврши и најосновна работа. Дури и лидерот на протестите Алексеј Навални, чија донкихотска кампања за градоначалник на Москва во 2013 го оживеа движењето, имаше платформа која, меѓу другото, ветуваше дека ќе ја приватизира полицијата. Во таа смисла, руските анти-Путин демонстранти и Доналд Трамп имаат многу поблиски ставови отколку што двете страни сакаат да признаат," објаснува Ајдов.
Во однос на тоа како во трите години во Москва корупцијата влијаела на него лично, Ајдов објаснува дека од ден на ден се губеле неговите бруклински навики. Прво, тој престанува да рециклира, затоа што или нема канти за рециклирање, или ги има повремено и само некаде како дел од пиар кампањи, плус "се претпоставува дека внимателно рециклираниот отпад и онака завршува на иста депонија, па зошто воопшто да се мачиш?"
Второ, откако со клиентите не успева да потпише договори како фриленсер, тој почнува да прифаќа исплата во готово.
Трето, почнува да им дава пари на сообраќајци заради најразлични мали прекршоци.
Во обидот да се побуни против системот, тој одлучува за време на протестите да прифати едно интервју за РТ, а како диверзија против пропагандната машинерија на реверот закачува бела машна во знак на поддршка на демонстрантите. Ни пред, ни по интервјуто никој ништо не му рекол за машната, едноставно камерманот го снимил од рамениците нагоре.
"Тоа е генијалноста на системот. На него не му треба некој џиновски безбедносен апаратус. Му требаш само ти, граѓанинот, да биде доволно имплициран за да има нешто да изгуби ама да не биде толку очаен и да падне во искушение да го изгуби тоа...
... Пораката? Повторно, намерата не е да се функционира во тоталитарен страв. Туку многу повеќе е: седи мирен, уживај во новите велосипедски патеки, или соочи се со внимателно разнолики казни. Животот во Москва е константна калкулација за тоа колку овој или оној потег би те чинел, дали се исплати или не. Веројатно нема да завршиш во затвор, ама ќе ја изгубиш кариерата. Твоето име ќе заврши на црниот список. Можеби. Никој го нема видено овој список. Ама колку се спремен да ставиш на кладба дека нема таков список?" пишува Ајдов.