„Оној кој сака да го анализира прашањето за најдобра држава, треба најпрво да одреди кој начин на живот е најдобар, затоа што ако тоа остане непознато, не може да се знае ни кое државно уредување е најдобро"
Аристотел
Која држава е добра - не знам
но сигурно знам дека не е:
Држава во која сте најбезбеден во затвор
држава чија иднина е вечна, а минатото ѝ трае само колку и таа
држава во која снагата царува, а умот цепи дрва
држава во која сте принудени на другите да им копате јами за самите да не паднете во нив
држава во која еднаквоста се состои во беда, а слободата во нееднаквост
држава чии граѓани се заложници на нејзината влада
држава во која сте среќни ако сте живи
држава во кој секој знае што треба да направи, ама не знае зошто
држава на која не ѝ е доволно што поднесувате, туку бара од вас тоа да го сторите со воодушевување
држава која се повикува на небото кога не ѝ оди добро, а на себе кога ќе ѝ тргне на подобро
држава во која сè што се прави е неизбежно, а сè што е неизбежно никогаш не се случува
држава чии водачи се пренесуваат на раце, а нивната власт под рака
држава во која средствата за производство се во приватни раце,
во која тие се во државни раце, а особено во коja средствата не се во ничии раце
држава во која место наследство од татко ви наследувате страв
држава во која единствената проверена рубрика во весниците е - некролог
држава во која земјата им припаѓа на оние кои на неа гладуваат
држава во која машините ги заменуваат работниците, а работниците машините
држава чии војници ве учат на географијата на соседот
држава во која полесно менувате пол отколку минато
држава во кoја граѓанинот е одговорен за своите предци, но не одговара за своите потомци
држава во коjа одредувањето на слободата почнува со нејзините ограничувања
држава во која законите не им претходат на престапите, туку ги следат
држава во која молчењето е најраширениот облик на јавно мислење,
а обожавањето најраширен вид јавно делување
држава во која вие и оној кој ве прогонува се борите за исти идеали, само е прашање кој прв ќе пука
држава во која луѓето не се закопуваат само на гробишта
држава чија химна ја слушате како сопствено опело
(објавено во Книжевност, бр. 9 од 1979)