Букбокс читанка: „Бела книга-црно писмо“ - необичните случаи на забранети македонски дела

Нашата навика да копаме по гајбите со стари книги на сè почесто организираните настани со продажба и размена на стари книги низ градов, ни донесе уште еден „бисер“ - збирка статии објавени во 2001, во кои се истражува феноменот на забраните во поранешна Југославија и независна Македонија на театарски претстави, книги и полемички текстови. За некои од нив знаевме, но други навистина нè изненадија, дури и насмеаа.

Книгата „Бела книга-црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, од авторот Мишко Китаноски, започнува со негово присеќавање на моментот кога во 1990 година се појавил првиот број на првиот македонски политички магазин „21“ - списание кое излегувало еднаш на 15 дена, а чие име требало да асоцира на новиот, 21-ви век и неговите предизвици.

Тогаш Китаноски, кој бил дел од редакцијата, започнува серија текстови за забранетите дела, опишувајќи примери кои или претставувале директна цензура „аминувана“ од партиски и други тела и органи, или индиректна забрана, која се одвивала преку „најбезочна бирократска хајка“, организиран јавен притисок или просто преку тивок бојкот. Последново било и најтешко за истражување, бидејќи често не можело со прст да се покаже на вистинскиот извор и мотивација на забраната, која понекогаш „магично“ испарувала откако ќе направела долгорочна штета по ликот и делото на авторот. 

Најстариот пример од областа на театарот е од 1946 и се однесува на претставата „За родниот кат“ од Венко Марковски. Следат, помеѓу другите, пиесата „Задруга“ од Коле Чашуле од 1950, драмата во стихови „Гоце“ од Венко Марковски и истоимената прва македонска опера по негово либрето компонирана од Кирил Македонски, пиесата „Немирна рудина“ од Симон Дракул од 1972, „Свадбата на Мара“ од Владимир Костов во изведба на НТ Битола, „Спиро Црне“ од Благоја Ристески - Платнарот на НТ Прилеп и пиесата „Евангелие по Јуда“ од Југослав Петровски на НТ Струмица, од 1993. 

Најстариот пример од книжевноста и публицистиката, пак, се неколку песни од Александар Алексиев отстранети со кинење на страниците во списанието „Иднина“ во 1953, а последниот пример е од 1988, забрана на песна под наслов „Мојот чуден сон“ од Михајло Србаковски од Вевчани, што авторот ја прочитал на манифестацијата „Августовски денови на културата“ во неговото родно село. Вклучени се и попознатите контроверзи и забрани поврзани со „случајот Димитар Димитров“ - неговиот текст „Револуцијата и литературата“ објавен на 9 ноември 1971 во Разгледи, број кој е целосно уништен; подемот и падот на охридскиот „Спизалит“, како и предвреме запреното списание „Дијалог“. 

Сите овие имаат врска со идеолошка пресметка помеѓу горни (па и средни и долни) политички ешалони, кои по директива или по свое наоѓање проценувале дека има нешто провокативно и ризично во наведените дела. Без величење, или обратно, без морална осуда, авторот ги наведува по име и презиме оние кои иницирале или поддржале одредена забрана. Но покрај овие за времето во коешто станувало збор горе-долу разбирливи контроверзи, една приказна ни привлече особено внимание, бидејќи нема врска со политика, но има врска со флуидната граница помеѓу уметноста и животот. Плус, за разлика од погорните примери, вклучува судење и изречена затворска казна. 

На распишан награден конкурс за најдобар расказ на весникот „Студентски збор“ во 1967 награда добива „Жените од Моноблат“ од Киро Донев. Но младиот писател, наместо да се радува на признанието, се соочил со известување дека во Окружниот суд во Штип против него е покрената тужба, (наводно) од неписмена домаќинка од селото Моноспитово, струмичко. Во тужбата е наведен краток извадок од наградениот расказ, тврдејќи дека тоа парче ја навредило и понижило, за што бара авторот да биде осуден на - 13 годишна робија:

„Се роди и седмото дете на Фрушинка, а веќе во истиот миг жените од Моноблат разгласија дека воопшто не личи на таткото - Васил, туку на задружниот книговодител Симче. За нејзините други деца одамна се знаеше: првото ѝ беше од трактористот Јан, второто од падарот Коте, третото од крчмарот Мојсо, четвртото од пандурот Арсо, за петтото некои велеа дека не личи на ниту еден маж од Моноблат, туку на некојси Реџо, кој беше дошол од градот со багерот да го очисти коритото на реката, зашто на селото му претеше опасност од поплава, други жени, пак, зборуваа дека во очите личи на калајџијата Тасе, а во носот и ушите на селскиот говедар Сандре. За шестото дете жените имаа сигурни докази дека од книговодителот Симче“. 

Дотогаш невидениот преседан одекнал во македонската, но и во регионалната јавност и за него пишувале белградските Политика и Борба, загрепска Арена, сараевско Ослобоѓење и др. Авторот упорно тврдел дека не ја познава жената, дека на географската карта на светот не постои такво село, дека сите личности во расказот се плод на неговата фантазија, дека ликот се вика Фрушинка и има седум деца, а оваа што го тужи се вика Фрошина и има пет деца. Била покажана и потврда извадена од месната канцеларија во селото Моноспитово дека населбата не се вика Моноблат и дека нема жител со такви име. 

Но сите овие аргументи не помогнале и Киро Донев е осуден на три месеци затвор. Тој се жали до Врховниот суд, кој донесува одлука да го врати случајот на повторно разгледување на Штипскиот суд. На второто судење повторно истиот судија носи нова судска одлука - еден месец затвор. Но тужителката има и други барања - прво 500 а потоа намалени 300 динари отштета за изречена јавна навреда, како услов да ја повлече тужбата. Авторот не се согласува, веројатно дополнително изиритиран од заклучокот на судијата: 

„Иако приказната е уметнички текст, окривениот не смеел така оргинално да изнесува такви факти. Неоснована е одбраната дека окривениот може преку уметнички текстови да ја ИЗРАЗУВА СЛОБОДАТА НА ЧОВЕКОВИТЕ МИСЛИ“ (мој капс лок).

Малкумина колеги на Донев истапуваат во негова одбрана, меѓу кои Коле Чашуле, кој укажува на целиот синџир на одговорност на именувани и неименувани личности кои учествувале во оваа, како што ја нарекува, фарса - од оној што во нечие име ја напишал тужбата, преку оние што ја завеле во судските книги, ја одобриле судската постапка итн. Но најпрецизен опис на целиот случај дава авторот Чедо Јакимовски во „Млад борец“ од 1969. 

„Ако судот расказот го третирал како новинарски напис, тогаш може да се бара и пронајд еконкретната личност. Но во овој случај се работи за еден уметнички текст, а како што е познато од сите теории на литературата, уметноста своите извори не ги наоѓа во облаците, туку ги црпи од животот што тече околу нас. Човекот секојпат бил основа за творецот. Ако сите луѓе што се во огромната ризница на литературата пронаоѓаат заеднички црти со извесни личности ги тужат нивните автори и ако судовите безрезервно ги прифатат нивните (во повеќето случаи фиктивни) докази, кој знае што би се случило со авторите и со самата литература“.

Границата помеѓу добриот вкус на употребата на интимните приказни на вистински луѓе за опис на генералната човечка состојба и неетичкото, „апла“ експлоатирање на истите, и денес останува актуелна, а знаеме ситуации во кои преминувањето на таа граница била повод за раскинување пријателства и конфликти.

Да понудиме алтернатива, дали би била можна обратна ситуација, уметноста да го тужи животот за навреда, затоа што некој во реалноста се дрзнал да ја имитира?

Илина, Букбокс

13 јуни 2026 - 12:26