За смртта на професорот кого Кембриџ нејќеше да го провери

Џејсон Ардеј, најмладиот црн професор во Кембриџ, беше пронајден мртов само неколку дена откако поднесе оставка на престижната позиција среде жестоката кампања и сомневања за академски плагијат и фотошопирање на биографијата. Кембриџ упорно ги игнорирал предупредувањата и сега ќе трпи штета. Но уште поголема штета ќе има кај оние на кои животот на Ардеј им даде лажни надежи за можни чуда со тежок аутизам. 

Кога Универзитетот Кембриџ го интервјуирал Џејсон Ардеј за една од најпрестижните позиции по социологија во светот, тој беше научник на почетокот на кариерата и според стандардите на самиот факултет - недоволно квалификуван. 

Кембриџ вообичаено инсистира на „извонредно истражувачко досие од меѓународен углед“ и „докажано успешно досие“. Д-р Ардеј имал скромна публицистичка евиденција и се префрлал од еден универзитет на друг - не останувајќи доволно долго за да истера целосен тригодишен или повеќегодишен докторат.

Кембриџ сепак го вработи во 2023 година, правејќи го, на 37 години, најмладиот црн професор на универзитетот во време кога факултетот беше под притисок да се диверзифицира.

Д-р Ардеј беше пронајден мртов во Лондон неколку дена откако поднесе оставка од работата поради обвинувања дека плагирал делови од неговите трудови, разубавил делови од неговите неодамна објавени мемоари и измислил аспекти од неговата животна приказна. Контроверзноста експлодираше по должината на познатите културни линии - раса, диверзитет, академско вработување.

„Повеќе не сакам да се чувствувам како да живеам под постојан рефлектор, каде што секој аспект од мојот живот е предмет на јавно испитување и судење. Ова не е крајот на мојата работа. Ова е едноставно крајот на ова поглавје“, напиша тој во оставката.

Иако Ардеј бил недоволно квалификуван за работата, тој доаѓаше со извонредна приказна -  како рано му бил дијагностициран аутизам, како целото свое детство го поминал во училиште за деца со посебни потреби, како не зборувал до 11-годишна возраст ниту читал до 18-годишна возраст, па сепак успеал да докторира. Попат, дека истрчал 30 маратони за 35 дена за добротворни цели.

Прашањата за кариерата на д-р Ардеј  нема да завршат со неговата смрт, бидејќи тие беа подеднакво поврзани со Кембриџ колку што беа и за него. Прочуениот академски дом на Исак Њутн, Вилијам Вордсворт и кралеви и кралици, сега се соочува со длабоко преиспитување како таму се донесуваат одлуки.

Иако елементите од приказната на д-р Ардеј изгледале премногу добри за да бидат вистинити, Кембриџ ги игнорирал повеќекратните аларми. Ги игнорирале поискусните кандидати за работата, како и поплаките за неговата работа. 

Тврдењата на д-р Ардеј за тоа дека не зборувал се лажни, изјавил за „Њујорк тајмс“ поранешен соученик и говорен професионалец кој работел со него.

Неговата наводно извонредна траекторија од невербална предтинејџерска возраст до докторат немала преседан во медицинската литература, велат експертите за развојни и говорни доцнења.

Сето ова требало да го активира алармот за комисијата за вработување во Кембриџ. Не го.

Според конзервативните коментатори на случајот, Кембриџ бил толку желен да диверзифицира што администраторите дозволиле нивната проценка да биде замаглена.

Д-р Ардеј, од своја страна, напорно работел да ги замолчи сите прашања за неговите квалификации. Има пријавено во полиција новинар на „Тајмс хајер едукејшн“ (почитувано академско списание) откако овој прашал за плагијат. Кога научник од друг универзитет ја довел во прашање неговата работа, Ардеј поднел тужба за расизам. Тој никогаш директно не се осврна на прашањата за плагијат и измислици. 

За угледната позиција тој се натпреварувал со уште тројца постари научници, вклучувајќи две жени од различни раси. Бил примен иако објавените трудови на д-р Ардеј и неговата теза имале десетици граматички грешки, како и идентични делови напишани од други лица.

Само три месеци по неговото вработување, двајца британски научници приватно му пишале на Кембриџ, предупредувајќи ги за потенцијален плагијат во трудовите на д-р Ардеј. Списанијата во кои биле објавени трудовите подоцна понудиле корекции, но Кембриџ не се произнел. Не реагирал ни во септември 2025 година, кога „Тајмс хајер едукејшн“ му испратил Кембриџ досие од повеќе од 60 страници во кое детално е опишан очигледен плагијат во работата на д-р Ардеј. 

Последиците од ентузијастичката промоција на приказната на д-р Ардеј од страна на Кембриџ би можеле да траат со години.

„Ова навистина направи штета“, рече д-р Стивен Камарата, специјалист за говор, пред смртта на д-р Ардеј. Вели дека со текот на годините, често ја слушал оваа приказна од семејства на деца со тежок аутизам кои се надевале на чудо.

„Никогаш не сакам да ја одземам надежта на никого“, вели тој, „но оваа приказна навистина создаде некои неразумни очекувања и лажни надежи, и го мразам тоа“.

16 август 2026 - 11:15