Трамп ѝ ги „сервира“ Фолкландите на Аргентина

Аргентинскиот суверенитет врз Фолкландските Острови стана фокус на политичката агенда на Милеи. Тоа му го овозможија САД, кои ги сметаат островите за средство за политички притисок врз Лондон. На Трамп му се потребни заради поцврста контрола на морските патишта низ јужната хемисфера, а Британија веќе нема сила да ги брани како во времето на Маргарет Тачер.

Претседателот Хавиер Милеи вети дека ќе ја забрза изградбата на поморска база во аргентинската провинција што е најблиску до Фолкландските Острови и дека ќе ги прошири санкциите против компаниите вклучени во почетните фази на нафтени проекти на оваа британска прекуморска територија.

Ветровите на промената дуваат низ целиот свет во прилог на нашето барање. Обединетото Кралство се соочува со повеќекратни миграциски, демографски и економски кризи без јасно решение. Јасно е дека тие се на пат кон опаѓање, додека иднината на Аргентина е просперитетна и ние ќе победиме, порача Милеи.

Оваа изјава се смета за нетипична за аргентинскиот претседател - деклариран англофил и обожавател на Маргарет Тачер – кој ги подобри односите со Лондон откако ја презеде функцијата во 2023 година, отвори нови канали за дијалог, па дури и најави посета на Британија.

Но, додека економијата на Аргентина забавува, а популарноста на Милеи опаѓа, неговиот близок сојузник Доналд Трамп му создаде можност да отвори нова тема.

Историски гледано, САД ја признаваат британската власт на островите, но остануваат неутрални во спорот околу суверенитетот. Уште во април протече внатрешен меморандум на Стејт департментот во кој островите се предлагаат како „средство за притисок врз Лондон“.

Трамп во понеделникот кажа дека тоа е „еден од многуте“ ставови во надворешната политика што се предмет на преиспитување. Потоа, во четвртокот изјави дека Обединетото Кралство „веќе не е истата земја која ја одби аргентинската инвазија на островите во 1982 година“. 

Коментарот на Трамп дојде во вистински момент за Милеи, кој кон крајот на следната година се соочува со избори, а чија влада во јули имаше рејтинг на поддршка од 38%, пад во однос на 52% во јануари.

Тоа е ефектот на пеперутката. Трамп кажува нешто таму, а тоа предизвикува земјотрес тука. На Милеи очајно му се потребни добри вести за да го зајакне своето лидерство, а овие коментари се ресурс што не смее да си дозволи да не го искористи - изјави Серхио Беренштајн, политички консултант од Буенос Аирес.

Шефот на британската дипломатија Ед Милибанд беше принуден да го прифати предизвикот.

Ставот на Обединетото Кралство за Фолкландските Острови е непоколеблив. Островите се британски и такви ќе останат, бидејќи тоа е ставот на огромното мнозинство од жителите на островите, напиша Милибанд на Икс.

Фолкландските Острови долго време се централен дел од аргентинскиот идентитет и се појавуваат на постери и графити низ целата земја. Страстите уште повеќе се разгореа откако фудбалерите на Аргентина кренаа знаме со натпис „Малвините се аргентински“ по победата над Англија во полуфиналето на Светското првенство во САД.

Во август почнаа големи протести, кои ја принудија владата да го повлече предлог-законот за ублажување на ограничувањата за поседување земјиште од страна на странци во Аргентина. Демонстрантите го обвинија Милеи дека е „предавник“ и дека „сака да ја продаде земјата“. Притисокот беше засилен со првиот комерцијален проект за нафта на Фолкландските Острови, кој треба да почне во 2028 година.

Ако денес не дејствуваме цврсто и брзо, за неколку месеци тие ќе имаат материјален капацитет да ги преземат резервите на нафта под нашето море, изјави Милеи.

Во прилог на Аргентина е и засилениот ангажман на Трамп за поголемо американско присуство во Латинска Америка, заради одбрана на американските геополитички интереси од Кина. Фабијан Каље од Аргентинскиот совет за меѓународни односи, изјави дека САД сакаат поголема „стабилност и предвидливост“ во Јужниот Атлантик, чија близина до Антарктикот и Магелановиот Проток му дава стратешко значење.

Британија не може да ја одржува безбедноста во Јужниот Атлантик. Ѝ недостига неопходното влијание за биполарен свет во кој Кина го шири своето присуство низ светските мориња, вели Каље.

5 септември 2026 - 09:10