Русија шири свој „старлинк“ над Украина

Во критично време кога Илон Маск и Доналд Трамп им го ограничија пристапот на украинските сили до системот Starshield, Русија го привиршува комплетирањето на сопствена сателитска мрежа над Украина. Досега лансирала 32 сателити. Кога ќе стигне до 300, ќе може во реално време прецизно да управува дронови и ракети врз целата територија на Украина.

Серхих Бескрестнов, советник за одбрана на претседателот Зеленски, предупредува дека на Русија ѝ се потребни околу шест месеци за да ја доврши изградбата на својот сателитски систем „Рассвет“.
Руските сателити наликуваат на копии од моделите на Starlink од првата генерација.

Системот би можел да се користи за управување со беспилотните летала „шахед“ извидувачки дронови и крстосувачки ракети како Banderol и Dan-M и би ја загрозил ефикасноста на украинските системи за електронско попречување, кои се распоредени низ земјата.
Руските сателити веќе повремено прелетуваат над Украина, овозможувајќи врски во траење од 30 до 40 минути.

Континуирана покриеност ќе им овозможи на руските сили да извршат напади врз целата територија на Украина со голема прецизност, изјави советникот на Зеленски.

Мрежата ја гради руската компанија „Биро 1440“. За целосна покриеност на територијата на Украина потребни се приближно 300 сателити во ниска орбита околу Земјата. Досега се лансирани 32 сателити, од кои некои се изгубени или не успеале да ја достигнат планираната височина од околу 800 километри. Поради ова нема да биде исполнета првичната цел на Москва до крајот на оваа година да има 156 оперативни сателити од „Рассвет“. Долгорочните планови се мрежата да се прошири на околу 900 сателити.

Независниот експерт Павел Лусин од Центарот за анализа на европската политика изјави за „Вашингтон пост“ дека овој план е „тешко остварлив“, освен ако Кина со забрзано темпо не испорача ракети што би ги позиционирале руските сателити во орбита.

Бескрестнов истакна дека Украина веќе развива контрамерки за руските сателити. Во исто време, бара и алтернативи на пристапот до Starshiled, (воена верзија на Starlink) не само поради ризикот дека целосно може да ѝ биде укинат пристапот, туку и затоа што Русија веќе развила начини да го блокира преку уреди за електронско војување распоредени по линијата на фронтот. Киев разгледува можности за поврзување со сателитската мрежа што ја гради компанијата на Џеф Безос или на сателити од европскиот Eutelsat.

Сателитскиот интернет е од голема важност за Украина не само поради борбените дејства. Им помага на војниците да го одржат моралот. На многу позиции, Starlink е единствениот начин војниците да разговараат со своите семејства. Малкумина помислуваат на тоа, но тоа е од голема важност за поддршка на војската, истакна советникот.

******
Види и: Русите го имаат Старлинк на нишан

20 октомври 2026 - 11:14