Во разузнавачките документи доставени на увид на Асошиетед прес, не е наведено колку е далеку Русија од распоредување и употреба на вакво оружје и дали досега направила тестирања. Пишува дека системот е во фаза на „активен развој“ и не се исклучува можноста дека е експериментален, па дури и дека намерно е дозволено да протече за да се следат реакциите.
Русија го смета Старлинк за сериозна закана за безбедноста, бидејќи мрежата од илјадници сателити им помага на украинските сили во комуникацијата и навигацијата на дроновите на бојното поле. Москва одамна предупредува дека може за легитимни цели да ги смета сите комерцијални сателити што ѝ служат на украинската војска.
Во 2021 година Русија со проектил погоди и уништи стар советски сателит, а пред неколку недели објави дека распоредила нов копнен ракетен систем С-500, способен да погоди цели во ниска орбита.
За разлика од тестот од 2021 година, новото оружје би било способно за неутрализирање на повеќе сателити со густи роеви од шрапнели испукани во ниска орбита на височина од околу 550 километри.

Шрапнелите би биле ситни, со димензии од неколку милиметри, за да не може да бидат забележани ни од копното ни од вселената, но прецизно насочени во облак кон одредена цел би можеле да предизвикаат голема штета. На овој начин би било тешко да се утврди зошто сателитите откажале и не би имало докази за да се префрли одговорност врз Москва.
Најголема штета би претрпеле соларните плочи, кои се најкревкиот дел од сателитите. Тоа би било доволно за да се исклучат, вели Клејтон Своуп, експерт за вселенска безбедност во Центарот за стратегиски и меѓународни студии.
Одбранбени аналитичари тврдат дека е невозможно да се контролира и да се ограничи штетата од такво оружје. Шрапнелите би можеле да соборат и важни сателити на Русија и на нејзиниот сојузник Кина, како и да предизвикаат верижни судири.
Со употреба на вакво оружје Русија би си направила голема штета и на себе, а инвестираше многу пари и човечки ресурси за да биде вселенска сила. Не верувам дека се спремни за ваква жртва, вели Викторија Самсон, специјалистка за вселенска безбедност од Колорадо.