Фине Геил, една од двете партии во владејачката коалиција во Ирска, го претстави „Манифестот за единство“, кој предвидува формирање суверен фонд за да се обезбедат финансии за обединувањето.
Како главни проблеми во процесот се истакнуваат хармонизацијата на животниот стандард и предизвикот за усогласување на одбраната, пензискиот и социјалниот систем. Британија е во НАТО, за разлика од Ирска, а Ирска е во Европската Унија, за разлика од Британија.
При идеалното сценарио, трошоците на Даблин за првата година од процесот се проценети на 3,2 милијарди евра, но би можеле да достигнат и 25 милијарди. На крајот од интеграцијата, 25 години по обединувањето, годишните трошоци при „лошото“ сценарио би можеле да достигнат 41,2 милијарди евра.
Вкупните трошоци најмногу ќе зависат од договорот со британската влада за исплата на пензиите – финансиски товар што се движи помеѓу 4 милијарди и 24,8 милијарди евра.
Ова е почеток на разговор, во никој случај не е крај, изјави партискиот лидер Сајмон Харис, кој е вицепремиер и министер за финансии.
Партијата Фиана Феил на премиерот Михел Мартин претходно објави сопствена „Иницијатива за иднината“, во која не се наведува очекуван исход, туку се испитуваат три можни сценарија: обединета Ирска управувана од Даблин; федерална држава со автономни институции на Северот; и продолжување на актуелната поделба. Последното сценарио е намерно оставено за да се поттикнат британските унионисти од Северна Ирска да се вклучат во дебатата за обединување.
Нашиот став е дека мора да соработуваме со унионистите и лојалистите, мора да изградиме доверба и мора да ги слушнеме сите гласови, изјави Мартин.
Иницијативите од Даблин се нов незгоден удар за Демократската унионистичка партија - најголемата пробританска политичка група во Северна Ирска – чиј рејтинг според последните анкети паднал на петгодишен минимум од 14%. Во исто време, на 28% се искачи рејтингот на одобрување на партијата Шин Фејн, која се залага за обединување на Ирска.
Што се однесува до прашањето за ставот на жителите на Северна Ирска за обединување на островот, сè уште не е преминат прагот од 50%, по кој регионалните власти би можеле да побараат од владата во Лондон да распише референдум за отцепување од Британија.
Даблин му пристапува на прашањето за обединување со огромна претпазливост, со цел да се избегнат избрзани потези кои би можеле долгорочно да го задржат островот поделен. Типичен пример е искуството од референдумот за раздружување на Британија од Европската Унија, на кој мнозинството се изјасни за Брегзит, спротивно на очекувањата на властите во Лондон.