Во многу наврати сме пишувале за истиот феномен, кога човек живее во - информативен, политички, идеолошки - меур кој служи како ехо комора во која одекнуваат само гласови на истомисленици што му дава чувство дека тоа е реалноста па не може да се изначуди што постојат и поинакви мислења (види ги статиите: "Другата страна" не е глупа или Пет причини зошто ќе победи Доналд Трамп или Ако верувате во теории на заговор, џабе ви збориме). Кон создавање таков меур тендира и самата природа на човекот а го помагаат и алгоритмите на социјалните мрежи, нудејќи ни содржини главно од оние со кои и онака се согласуваме.
Таканаречената проверка на фактите е фина алатка за растерување на политичките шашми, искажани особено фреквентно во предизборни периоди. НПР се бави со темата и заклучува дека денес е доста тешко да се смени нечие мислење. Описот на ситуацијата е за Америка (Џорџ Саундерс за Њујорк пост) , но ќе видите колку е и наш:
"Интелектуално и емотивно ослабени од повеќегодишното деградирање на јавниот дискурс, ние денес сме две одвоени идеолошки држави, Левичарија и Десничарија. И зборуваме различни јазици. Не само што нашите две под-држави резонираат различно туку и живеат во комплетно поинакви и неспоиви митолошки системи. Јас и ти доаѓаме до еден замок. Еден од нас двајца го гледал само Монти Пајтон, другиот ја гледал само Игра на троновите. Ние двајца немаме ниедна заедничка основа од која можеме да ја дискутираме ситуацијата во која заедно се наоѓаме".
Сепак, истражувањата покажуваат дека политичарите лажат помалку ако им ги проверуваат фактите кои ги исфрлаат наоколу. Колку - толку.