Мајкл Мур:

Пет причини зошто ќе победи Доналд Трамп

Да можеа од кауч да гласаат оние кои дома играат Икс Бокс или Плејстејшн, ќе победеше Хилари, вели филмаџијата Мајкл Мур и додава: Бидејќи не можат изговорете ги следниве зборови бидејќи ќе ги изговарате следните 4 години: ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАМП.

Пријатели,

Жалам што ви носам лоши вести, но такви ви донесов и минатото лето кога ви реков дека Доналд Трамп ќе биде републикански кандидат за претседател. А сега имам уште поодвратни и подепресивни вести за вас: Доналд Џеј Трамп ќе победи во ноември. Овој мизерен, глуп и опасен под а) социопат и под б) кловн ќе биде нашиот следен претседател. Претседателот Трамп. Ајде, кажете ги тие зборови бидејќи ќе ги кажувате следните 4 години: "ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАМП".

Никогаш во животот не сум сакал да бидам јалнаш колку сега.

Знам што правите сега. Одлучно вртите со главите и викате:"Не, Мајк, нема тоа да се случи!" За жал, живеете во меур во кој одекнува ехото од вас и вашите пријатели кои си се убедувате дека Американците нема да изберат идиот за претседател.

Треба да излезете од меурот, веднаш. Треба да престанете да живеете одрекувајќи ја вистината за која длабоко во себе знаете дека е многу реална. Обидувајќи се да се смирите со факти - "77% од електоратот се жени, обоени луѓе, млади под 35 години и со нив Трамп нема шанси да освои мнозинство" - или со логика - "луѓе нема да гласаат за дибек и против своите интереси" - е начин на кој мозокот ве штити од траумата. Како кога возите кола и ќе слушнете силен звук па помислувате "нечија гума се дупна", бидејќи не сакате да помислите дека некој штотуку бил упукан со пиштол. Првите луѓе кои беа прегазени од камионот во Ница, ги минаа своите последни  моменти на Земјава викајќи му на  возачот "Пази бре! Има луѓе на тротоарот!", убедени дека тој просто изгубил контрола над возилото.

Дечки, ова не е инцидент. И се случува. А ако верувате дека Хилари Клинтон ќе го победи Трамп со факти и ум и логика, очигледно сте ги пропуштиле минатите 56 партиски рунди во кои 16 републикански кандидати го пробаа сето тоа и ништо не му можеа.

Да не ме разберете погрешно. Имам јас големи надежи за оваа земја. Работите стануваат подобри. Левицата ги освои културните војни (гејеви и лезбејки се венчаваат, еднаква плата за мажи и жени, легален абортус, легализирана марихуана...). Се случија големи промени, само прашајте го социјалистот кој победи во 22 држави годинава. И немам сомневање дека ако можеа луѓе да гласаат од нивните троседи од кои играат игрици, Хилари убедливо ќе победеше.

Но, така не функцинира Америка. Луѓето треба да излезат од дома и да застанат во ред за гласање. А ако живеат во сиромашни, црни или хиспано маала, не само што имаат подолги редови за чекање, туку сè е направено за да ги одврати да го дадат својот глас (линк интераптус:"Проблемите на американскиот избирачки список" ).

Затоа на повеќето избори е проблем да се добие излезност над 50% од гласачите. А тука е проблемот од ноевмери - кој има најмотивирани гласачи кои ќе излезат да гласаат? Кој кандидат има најфанатични поддржувачи? Чии луди фанови ќе излезат уште од 5 сабајле, ќе врескаат и ќе вртат кругови сè додека кутиите не бидат затворени а тие не бидат сигурни дека секој нивен излегол да гласа? Така е, до толку сме во опасност. И не се залажувајте, не постои таква количина убедливи тв кампањи на Хилари или нејзино победување на дебатите кои ќе можат да го спречат.

Петте причини кои Мур ги смета како добитни за Трамп се:

- Тој ќе игра на државите од средниот запад кои се демократски но во последно време избирале републикански сенатор. И ќе ја искористи штетата што НАФТА (која доби поддршка од Хилари) им ја направи на работните луѓе и индустриите во кои работеа. Како кога неодамна стоеше под сенката на фабриката на Форд во Мичиген и се закани дека ако компанијата навистина планира да ја затвори фабриката и да ја преместат во Мексико, тој ќе репне 35 посто тарифа на секоја кола произведена во Мексико а увезена во САД.

- Ќе игра на гневот на белиот маж кој после 250 години ја губи доминантноста во државата.

-  Ќе игра на непопуларноста на Хилари (70% од сите гласачи мислат дека е нечесна и не може да и се верува).

- Ќе игра на депресивноста на фановите на Берни (кои во крајна нужда ќе гласаат за Хилари но ќе бидат тн "депресивни гласачи", оние кои не носат со себе уште барем пет гласа).

- Ќе игра на "Ефектот Џеси Вентура" (Вентура беше еден налудничав кечер кој - на шала на заебанција - стана гувернер на Минесота). Гласачкото место е едно од последните места во САД во кое нема камери, никој не те набљудува, можеш да правиш што сакаш и оттука не се знае бројот на оние кои не би гласале за Трамп ама од илјадници причини, ќе го направат токму тоа. Од инает и само затоа што им се може.

*оригиналот

24 јули 2016 - 16:11